Блуз и соул фестивал во Скопје

Со настап на македонскиот блуз-бенд „Кросроуд блуз-бенд“ (Crossroad Blues Band), кој на сцената опстојува повеќе од две децении, вечер ќе почне тридневниот 22. „Блуз и соул фестивал“ во организација на Дирекцијата за култура и уметност-Скопје. На фестивалот, кој ќе се одржува до недела во пивница „Стар Град“ (Темов) во чаршија, ќе гостуваат музичари од Србија, Белгија и Данска, по избор на селекторот Иво Солдатовиќ. 

По концертот на македонскиот бенд, вечер ќе настапи четиричлениот белгиски состав „Shakedown Tim & The Rhythm Revue“ основан од Тим Шејкдаун, кој свири динамична комбинација на блуз, џамп-блуз и буги, до свинг и ритам и блуз. 

На вториот ден од фестивалот утревечер ќе настапи квинтетот „Гамблерс“ (The Gamblers) од Сремска Митровица, Србија, блуз-состав кој од 1984 година ја освојува регионалната блуз-сцена и настапуваат на престижни фестивали низ Европа. 

Саботната блуз-вечер ќе заврши со настап на „Chris Grey & The BlueSpand“ од Данска, трио  на Крис Греј кој е блуз-ѕвезда во Европа и светот. Нивниот груви-фанки блуз во последните две години ги освојува блуз-фановите низ Европа, а нив ги прави меѓу најпопуларните блуз-бендови. 

На годинашниот фестивал ќе гостува уште еден српски блуз-бенд - петчлениот „Блузхамер“ (The Blueshammer) од Нови Сад кои прават атрактивни концерти со тексашки блуз и јужњачки рок и фанк. Тие ќе настапат в недела, а по нив фестивалот со диџејски сет ќе го затвори Васја Ивановски, долгогодишен радиоводител и поранешен селектор на Блуз и соул фестивалот.  

Концертите на тридневниот „Блуз и соул“ ќе почнуваат од 21 часот. Влезниците за секоја вечер се по 200 денари или 500 денари за блок-билети сите три вечери.