Близу 60 винарии ќе се претстават на шестиот Вински салон „Винодонија“

Можност за дегустација на вина од околу 60 винарии, со импресивна бројка од над 450 етикети на вино ќе понуди шестото издание на престижниот вински салон „Винодонија“, кој годинава ќе се одржи на 25 и 26 ноември во Скопје.

Според организатортите, „Винодонија“ стана традиција која ја негува винската страст, промовира добри вина, едуцира и со години ја потврдува и својата цел – подигнување на винската свест и развој на нашата винска култура.

За двата дена на „Винодонија“ ќе се одржат работилници и мастер клас дегустации насловени по земјите и предизвиците: „Запознај ја винската Унгарија“, „Запознај ја винската Хрватска“, „Основи на спарување на вино и храна“ и „Во светот на винските меурчиња“.

-Гостите што за својот викенд – избор на 25-ти и 26-ти ноември ќе ја посетат „Винодонија“ ќе имаат можност за нови вински информации, директно од енолозите и луѓе вклучени во производството на вино, со што ќе се запознаат најновите стилови и трендови во оваа индустрија. Се разбира, виното со својата уникатност се надополнува со добрата храна: во рамките на салонот ќе можат да се вкусат и гастрономски деликатеси од околу 15-тина гастрономски брендови од Македонија, најавуваат организаторите.

И уште еден адут на „Винодонија“ кој ќе се одржува во хотел Мариот, е настапот на џез бендот на домашниот реномиран музичар Георги Шаревски.