
Денеска се навршуваат 19 години од трагичната смрт на Тоше Проески, една од најголемите македонски музички ѕвезди, чиј глас и песни и речиси две децении подоцна продолжуваат да живеат низ целиот Балкан.
Емотивно сеќавање на денот кога Македонија ја загуби музичката ѕвезда Тоше Проески сподели професорка од Филозофскиот факултет Вилета Ачкоска, која преку личното искуство ја доловува неверицата и болката што ја почувствувала кога ја дознала трагичната вест.
Таа се присетува дека во текот на предавање по предметот Историја на Македонија, со студентите по социологија, некој од студентите извикал дека Тоше загинал. Во првиот момент помислила дека станува збор за несоодветна шега.
„Застанав насред реченица и му одговорив: ‘Ви се молам, немојте до такви ужасни шеги’ и продолжив со предавањето. Но, по некоја минута почна да се слуша врева низ ходниците... Ја отворив вратата од предавалната и сфатив дека тоа не е шега, туку сурова вистина“, пишува професорката.
Водена од неверицата, таа им се приклучила на студентите кои се упатувале кон плоштадот, каде што затекнала многу луѓе и книги оставени во знак на жалост.
„Плачев, неутешно, долго... Отиде тоа златно, наше дете кое беше пример со кој сакав да ги воспитувам моите студенти, со неговите доблести: работливост, чесност, скромност, љубов кон татковината и професијата... Плачам и сега, додека ги пишувам овие редови“, се наведува во нејзиното сеќавање.
За професорката, Тоше Проески не бил само музичка ѕвезда, туку и пример за вредностите што треба да ги носат младите генерации.
„Блескај Тоше од вечната и твојата ѕвезда нека ги води на прав пат македонските деца. Вечен спомен“, порачува таа.