Благодарноста е чувство кое може секојдневно да го пронаоѓаме

Сите имаме денови кога се будиме благодарни и денови кога мора да се помачиме да најдеме благодарност. За благодарноста е потребно време и вежбање. 

Додека растеме, програмирани сме да чувствуваме и изразуваме благодарност кога ќе добиеме нешто, но материјалните работи не траат долго. Како што созреваме почнуваме да ја чувствуваме празнината помеѓу немањето нешто, добивањето нешто и чекањето да ја добиеме следната работа. И иако сега сте свесни дека благодарноста не се наоѓа во материјалните работи, би сакала да ве потсетам на фактот дека благогарноста најмногу е за деновите кога таа не е нешто што прво ни паѓа на памет. 

Благодарноста е вашиот одговор дека ја препознавате раскошноста на постоењето. Тоа е едно обземувачко чувство кое се шири во вашите гради, не заради работите кои ги поседувате, туку заради способноста да имате тело кое е способно да гледа, чувствува и размислува. Благодарноста е сведочење на убавина како изгрејсонцето. Благодарноста е спознанието од каде доаѓа вашата храна. Имањето интернет за да си го проширите умот. Една шолја кафе наутро. Облеката која ја штити вашата кожа. Благодарноста е за фактот дека имате семејство, пријатели и работа. Тоа е способноста да се заљубите, да прославувате нечие раѓање или унапредување. Препознавањето дека некоја негативна работа низ која сте морале да поминете всушност била скриен благослов. 

Благодарноста е дејство на сојузништво со универзумот. Таа е спознанието дека универзумот се грижи за вас и вие му се заблагодарувате за да создадете баланс и хармонија – чувство на поврзаност. Тоа е благодарност за животот и Бог. Чувство на изобилство и во обични денови. Чувство кое прави да сакате повеќе да давате отколку да земате. Чувство на мир и задоволство со она што го имате. 

Тоа е чувство кое го прави овој живот вреден за живеење, чувство кое прави да посакате да останете на овој свет уште долго време.