Благодарност за леб и лек! Скопјанка сведочи за една болна судбина, објавата стана вирална

Вирален статус од утрово се шири на социјалните мрежи! Скопјанка сведочи за потресно искуство кое го доживеала вчера на дождот! Објавата е всушност апел да се најде решение и помош за жена од Скопје, со која несомнено судбината немилосрдно си поиграла! 

Виралната објава ви ја пренесуваме во целост: 

20 часот! Истура! Автомобилите ги прскаат пешаците! Студи, бидејќи нагло залади, ретко кој од нас е адекватно облечен. Стојам на семафор, чекам зелено борејќи се со ветерот што ми го витка чадорот! Размислувам за парното и за дефектот во зградата во која живеам. И одеднаш се случува- живот!

На метар од мене застанува жена од 50сетина години. Слаба и потресена! Ме погледнува плашливо размислувајќи дали да ми се обрати! Ја погледнувам и со поглед ја охрабрувам. Ме прашува:

-,,Можам ли да ве замолам нешто?”

- ,,Повелете”, одговарам!

-,, Можете ли да ми купите две банани и од тие дебелите батерии во Стокомак?”

За миг останав зачудена. Не побара пари туку конкретни работи и за мене во тој миг неспоиви потребштини! И велам:

-,,Тргнав накај Веро, дали може таму да ги купиме?”, ја прашувам. Ми вели:

-,, Во Стокомак се поефтини”!

За миг размислувам дека ни е одпат, но некое чуство во стомакот ми налагаше дека ќе ја навредам доколку не ја послушам! Тргнавме во Стокомак. Молчиме и двете! Доаѓаме до продавницата и и велам да влеземе заедно за да ми покаже кои се тие ,,дебели батерии”. Ги зема батериите и две банани!

- ,,Ве молам земете повеќе” и велам! ,,Земете што и да ви треба”

Ме погледнува и тивко ми возвраќа:

-,,Ми треба и леб, ама тој е поскап и го има само во Веро”.

Во стомакот веќе чуствувам големо стегање. Одиме накај Веро. Дождот и студот веќе не го чуствувам! Тивко ми прозборува.

-,,Ќерка ми боледува од анорексија! По долга борба конечно почна да се опоравува и сега има 36 кила. Но храната за неа е многу скапа и специфична! Јас останав без работа, а и маж ми не напушти! Ве молам ако знаете некој да бара работничка… барам работа, ама… не можам да најдам! Никој не сака по неколку саата на ден да ме ангажира. А јас морам да бидам покрај неа цело време бидејќи има проблеми со дишењето и со тахикардии! “

Буица на зборови… тешки зборови!

-,,Батериите ми требаат бидејќи ми ја исклучија струјата, па имам една сијалица која работи на батерии”!

- ,,Побаравте ли помош?”, прашувам глупо!

-,, Секаде” одговара, ,,но не сум пријавена со лична карта во оваа општина” , под кирија сме”!

Влегуваме во Веро. И велам:

-,,Ве молам земете се што ви треба за ќерката”

Нема да раскажувам што се зема, бидејќи сето тоа беше многу скромно и во минијатурно количество и покрај моето инсистирање да земе повеќе. На каса, благајничката ми вели:

-,,Ја познавате ли жената”?

-,,Не”, одговарам.

-,,Доаѓаше неколку пати и бараше работа. Ама не можат да ја вработат бидејќи не може да работи повеќе од неколку часа. Не ја препознав од прва бидејќи е многу ослабната”.

На излезот, ме чека! Ме погледнува и сака да ми се заблагодари! И велам:

-,,Госпоѓо, не ми се заблагодарувајте за леб и за лек”

-,,Се заблагодарувам за вниманието. Не знаете колку понижувања доживувам секој ден”.

Го пишувам сето ова од една единствена причина. Ако некој знае како може да и се помогне на оваа жена, ве молам контактирајте ме во порака и јас ќе ви го дадам нејзиниот контакт!