Бизнисот побара, а Бесими прифати да нема двојно оданочување за приватно здравствено осигурување и ковид тестови

Намалување на парафискални давачки, даночен календар за поголема предвидливост и признавање на трошоците за тестовите за ковид од даночен аспект, се дел од барањата што денеска бизнисмените од Стопанската комора на Македонија му ги упатија на министерот за финансии Фатмир Бесими.

Стопанствениците бараат да се разгледа и прашањето за двојното оданочување за приватното здравствено осигурување за кое сега плаќаат персонален данок и данок на добивка.

– Над 20 проценти плаќаме дополнително на државата за здравствено осигурување со кое сакаме младите да ги мотивираме да останат во државата и да им озвоможиме да бидат здравствено покриени за било каков случај. Веројатно сме единствената држава во светот која плаќа и двапати на државата за нешто што е со идеја да се мотивираат вработените да останат во земјата –  рече Живко Мукаетов од „Алкалоид“.

Во делот на енергетиката се бара укинување на царината за природниот гас и уредбата за акцизите донесена во време на ковидкризата, да се преточи во закон, бидејќи се работи за уредба со времен карактер.