Бизнис заедницата до премиерот Мицкоски предложила данокот на додадена вредност да се зголеми на 19.5 % за да се полни буџетот и со тие пари да се покрива дупката во ПИОМ. Премиерот посочи дека предлогот за зголемување на старосната граница и даночната стапка за пензиско , не се прифатливи. Но за зголемување на ДДВто, ќе се прави анализа.
„Да не биде 18 туку да биде 19,5%. Секакви идеи има. Ние треба да ги ставиме сите аргументи на маса, да направиме една жестока анализа, да видиме што добиваме, што губиме и дури потоа да носиме одлуки“, рече премиерот Мицкоски.
Фискалниот совет деновиве ја разбранува јавноста со нивниот предлог да се размислува на одење во пензија на 67 години. Од таму посочија дека состојбата во ПИОМ е неодржлива на долг рок. Ако не се прифатат нивните предлози, владата ќе мора да ги зголеми даноците.
Од буџетот следната година ќе се префрлат 850 милиони евра само во фондот за пензиско. За исплата на пензии пак, потребни се милијарда и 600 милиони евра. Бројот на пензионери секоја година во просек се зголемува за 1,700 лица, додека трендот на емиграција на младите од година во година расте, со што се намалуваат приливите од придонеси.
Во моментов старосната граница за пензионирање е 62 години за жени и 64 години за мажи и најмалку 15 години стаж. Просечната пензија изнесува нешто над 21000 денари.