Бизнис заедницата со предлози за почист воздух: Старите возила да се заменат со електрични, а депониите да се исчистат

Бизнис заедницата понуди три предлози кои би влијаеле на намалување на аерозагадувањето. Како прв предлог од Сојузот на стопански комори сметаат дека би можело да биде што побрзата замена на старите возила со нови електрични, со што не само што ќе се намалат штетните емисии во воздухот, туку ќе има и сериозна заштеда и во потрошувачката на гориво.

За да се реализира овој предлог, од ССК сметаат дека потребна е заедничка акција на приватниот и јавниот сектор.

– Бенефитот од ваквиот предлог не е само во намалување на аерозагадувањето, туку има сериозна заштеда и во потрошувачката на гориво. Од лично искуство, заштедата во потрошувачката на гориво е околу 80 до 90 проценти што се реални пари кои не ги даваме за гориво. Електричните возила не се многу скапи и цената на еден таков автомобил би била приближно на цената на дизел возило со исти перформанси. Значи, не е потребно многу повеќе пари да се вложат, а имаме заштеда, бенефиции и сме општествено одговорни – вели претседателот на ССК, Александар Милошевски.

Бројката на купени електрични возила оваа година, според податоците од ССК, изнесува 48, што е многу малку во однос на европските земји каде се бележи пораст во продажбата.

– Причините за малата продажба и употреба на овој тип автомобили, се цените на овие автомобили, но и недоволно развиената инфраструктура и инсталирани полначи. Владата најави дека ќе субвенционира купување на вакви автомобили, но потребно е да се субвенционира и купувањето на батерии и делови за овие возила, како и да се разгледа можноста за бесплатни патарини и паркинзи и ослободување од царинските давачки при увозот на вакви автомобили – нагласи Милошевски.

Како втор предлог за помало аерозагдување од ССК го посочија итното справување со дивите депонии, а за полесно откривање и справување со овој проблем сметаат дека треба да се користат новите технологии, од типот дронови и да се снима теренот.

Од ССК предложија промовирање на стандардот за пасивни куќи кај кои потрошувачката на енергија за греење се намалува за 90 проценти.

Во заедничкиот ревизорски извештај за квалитетот на воздухот што го напишаа 15 врховни ревизорски институции од Европа, заедно со Европскиот суд на ревизори, а објавен деновиве, се наведува дека на загадувањето на воздухот во Скопје и Тетово најмногу влијае индустријата и домаќинствата, средно загадување прават автомобилите, додека најмалку загадуваат земјоделските машини, отпадот и друго.