Битолските гинеколози кои дозволија царски рез од лекар без лиценца казнети со намалување на плата

По скандалот со извршен царски рез во битолската болница, од страна на лекар без лиценца, спроведена е дисциплинска постапка против оние кои тоа го дозволиле. Овој настан излезе на виделина кога двајцата гинеколози од Клиничката болница во Битола ги пречекорија своите овластувања и дозволија сопруга на едниот од нив да изврши операција царски рез, иако за тоа не поседува лиценца.

По спроведената дисциплинска постапка, изречена им е мерка со која во следните шест месеци, овие доктори ќе земаат 30% пониска плата. Ова е највисоката казна што можеа да ја добијат според Законот за здравствена заштита. Со ова заврши дисциплинската постапка и двајцата лекари, кои беа суспендирани, денеска се вратија на работните места.

Истовремено поднесени се и кривични пријави против двајцата гинеколози, по повеќе основи, меѓу кои и злоупотреба на службена должност и фалсификување службена исправа, додека против лекарката која ја извршила операцијата и не поседува лиценца, пријава за надрилекарство.