Битола му ги врати старите автобуси на Шилегов

Битолската градоначалничка Наташа Петровска му ги врати на градоначалникот на Скопје Петре Шилегов старите црвени автобуси од ЈСП „Скопје“, пренесува СДК.

Тие беа позајмени во почетокот на октомври, за да помогнат во линискиот и школскиот превоз, кога превозниците излегоа на протести и изјавија дека нема да возат по новиот предлог-тарифник. Иако имаше бројни критики во јавноста за нивната дотраеност, превозниците уште следниот ден продолжија со превозот.

„Автобусите беа позајмени за да одговориме на ситуацијата во која се најдовме во тој критичен период. Откако ја наминавме таа ситуација, заклучивме дека истите нема потреба да престојуваат во нашата општина и да носиме одговорност за нив, па ги вративме“, рече Петровска.

Автобусите беа пуштени во сообраќај во неколку наврати да земат ученици од места каде немаше линиски превоз.

Ученичкиот превоз е еден од најголемите предизвици пред кои е исправена локалната власт во Битола, тој да се организира законски и по прифатливи, пазарни цени. Општината вчера одлучи да ги раскине договорите со превозниците кои вршат општински линиски превоз и превоз на ученици. Тие ќе возат уште три месеци по старите договори, додека не им истече отказниот рок, по што ќе се бара ново решение.