Речиси и да нема човек кој не кашла, а како и не би кашлале кога воздухот што го дишеме е меѓу најзагадените во светот. Ова особено се однесува на Скопје, Битола и Тетово, кои во текот на 2017 година биле меѓу десетте најзагадени градови на стариот континент, што е потврдено во најновиот извештај на Европската агенција за животна средина (ЕЕА) за аерозагадувањето во Европа.
Според тој извештај, Македонија во однос на концентрациите на штетните врз здравјето ПМ-10 и ПМ-2,5 честички, се наоѓа на неславното прво место.
Податоците на Универзитетската клиника за пулмологија, покажуваат дека лани биле регистрирани 2.800 пациенти со респираторни болести поради нивно изложување на аерозагадување, како и на пушењето. Директорот на клиниката, Дејан Докиќ потврдува дека во текот на 2018 година на проблеми со дишните патишта се пожалиле 2.700 пациенти и очекува тој број да биде уште поголем до крајот на годинава.
– Со секое аерозагадување независно дали станува збор за ПМ честички или други гасовити аерозагадувачи, кои се оксиданси, материи кои прават штета на површината од клетките, доаѓа до воспаление и симптоми како што се гребење во грлото, печење во очите, кивање, сува уста, отежнато дишење, стегање во градите итн. Многу сериозни болести се провоцирани од аерозагадувањето. Имаме среќа што само неколку месеци имаме ваква неповолна клима која создава аерозагадување. Во одредени делови од светот, за среќа не кај нас, хроничното експонирање може да доведе и до посериозни заболувања, да влијае на кардиоваскуларниот систем, а доаѓа и до карцином на белите дробови – додаде Докиќ.
За Марија Здравеска од Македонското респираторно здружение, аерозагдувањето е главна пречка за болеста.
– Македонија е меѓу највисоко рангираните земји во Европа според бројот на смртни случаи од болести на дишните патишта. Се предвидува дека околу три милиони луѓе годишно го губат својот живот од хронична опструктивна белодробна болест, а оваа бројка се зголемува. Се предвидува дека до 2030 година 4,5 милиони луѓе годишно ќе бидат жртви на тоа – вели Здравеска.
Повикувајќи се на Светската здравствена организација, во извештајот на ЕЕА наведуваат дека краткорочното и долгорочното изложување на деца и возрасни лица на загадување на воздухот може да доведе до намалување на функцијата на белите дробови, респираторни инфекции и влошена астма.
– Изложеноста на мајката кон загадувањето на амбиентниот воздух е поврзана со негативни влијанија врз плодноста, бременоста, новородените и децата. Исто така, постојат докази дека изложеноста на загадување на воздухот е поврзана со дијабетес тип 2 кај новороденче, но и кај возрасни и може да биде поврзана со дебелината, системско воспаление, стареењето, Алцхајмеровата болест и деменција – нагласуваат во извештајот.
Како последица од дишењето на загаден воздух во Европа годишно прерано умираат околу 400.000 луѓе, во Македонија тој број е 3.000 што е голем процент споредено со вкупната популација во земјава од 2.070.000 жители.
– Срцевите заболувања и мозочниот удар се најчестите причини за предвремена смрт, што се должи на загадувањето на воздухот, проследено со белодробни заболувања и рак на белите дробови. Меѓународната агенција за истражување на ракот го класифицира загадувањето на воздухот воопшто, како и ПМ честичките како посебна компонента на мешавините за загадување на воздухот, како канцерогени – се вели во извештајот на ЕЕА.