Битиќи: Пост ковид периодот е шанса да создадеме регион кој ќе биде конкурентен и атрактивен

Пост ковид периодот е шанса да ја унапредиме уште повеќе нашата соработка, да создадеме регион кој ќе биде конкурентен и атрактивен, а не да создаваме меѓусебна конкуренција помеѓу земјите од Западен Балкан.

Ова го порача вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на трилатералниот состанок во Скопје на тема „Придонес за развој на социо-економските односи помеѓу Република Турција, Република Северна Македонија и Република Косово“ на кој присуствуваа претставници на Стопанска комора на Македонија и Турција – МАТТО, Стопанската комора на Косово и Турција – КТТО и  Здружението на стопанственици и занаетчии „ЕСНАФ“од Косово.

– Регионалната соработка е есенцијална за понатамошниот напредок на економиите и општествата на нашите земји. Токму затоа, го поздравувам денешниов трилатерален состанок и поддржувам дијалогот да остане отворен и да се унапредува. Ме радува што и во Турција и во Косово, Република Северна Македонија има традиционално добри трговски партнери. Република Турција е седми по вредност трговски партнер на нашата земја, додека Косово е рангиран како 10-ти најдобар трговски партнер, рече Битиќи.

Нагласи дека растот на меѓусебната трговија, извозот и увозот меѓу трите земји покажа дека се враќаме на патеките на соработка пред пандемијата.

– Ако овие две тешки години на нешто не научија, тоа е важноста на блиската соработка и пријателското излегување пресрет на потребите на другиот, но и важноста на достапноста на материјали, стоки, услуги и луѓе. За мене, „near shoringot“ е предноста на нашиот регион, развивањето на вредносните ланци е нашиот потенцијал и предноста која ќе не извлече напред, надвор од оваа криза, рече Битиќи и им порачана бизнисмените дека неговиот Кабинет секогаш е на располагање за да им помогне.

Како земја, додаде, даваме исклучително поволни услови за бизнисот и се радувам што денес имаме претставници од триесетина компании од Косово.

Претседател на УО на МАТТО Ајдован Адемоски истакна дека се надева оти со денешната средба ќе се прошири соработката со Косово и додаде дека  Стопанската комора Македонија – Турција (МАТТО) е основана во 2008 година и има близу 100 членки меѓу кои се најпрестижните турски и македонски компании.

– До минатата година вкупните турски инвестиции во државата изнесуваа околу две милијарди американски долари. Инвестициите на турските компании се во повеќе различни области и сектори, но најголемиот дел од инвестициите се во градежниот сектор, во областа на градежните материјали, трговијата, банкарството, здравството, авионскиот транспорт, како и во производството на млечни производи, прехранбената индустрија, текстилната индустрија, образованието, секторот хемија и други области, рече Адемовски и додаде дека треба уште повеќе да се зголемуваат.

Турските инвестиции, нагласи, учествуваат со 38 отсто во вкупните странски инвестиции во земјава, Турција е петтиот партнер во областа на инвестициите и осми партнер во областа на трговијата, а моменталниот обем на трговска размена помеѓу двете земји изнесува околу 500 милиони долари годишно.

-Целта кон која сме насочени е да се постигне трговска размена помеѓу двете земји со висина од  една милијарда долари до 2023 година, а потоа и да расте. Затоа како комора сме ангажирани што поскоро да се потпише договорот за слободна трговија што ќе значи бенефит и за двете држави, рече Адемовски.

Според него, изградбата на автопат до граничниот премин Блаце ќе помогне да се подобри трговската размена со Косово, која како што кажа, би требало да се движи кон една милијарда долари.

-Трговската размена меѓу нашите две земји од почетокот на оваа година бележи раст од 40,2 отсто и достигна ниво од над 200 милиони евра. Но, овој обем на трговска размена може и треба повеќекратно да се зголеми, ако се сплотат бизнисмените и политичарите тоа може за брзо време да биде реалност, порача Адемовски.

Косовскиот министер за регионален развој Фикрим Дамка рече дека посакува денешната средба да биде од корист за подобрување на соработката меѓу трите земји.

-Уверен сум дека преку оваа трилатерална средба уште повеќе ќе се зајакнат односите меѓу бизнисите. Несомнено денешната средба ќе даде придонес и во нашата економска соработка, рече Дамка.

Тој посочи дека и во Косово турските инвестиции се рангирани меѓу најдобрите, но нагласи дека сепак се бара начин за да се подобрат.

-Како политичари сме тука за да ги отстраниме барикадите кои ја попречуваат соработката, рече Дамка и додаде дека бизнис средбите како денешната се многу значајни.

Амбасадорот на Република Труција, Мехмет Секизкок посочи дека турските компании во балканските земји реализираат низа обемни инфраструктурни инвестиции во разни сектори и посака денешната средба да го отвори патот кон подобра соработка на трите земји.

-Со своите високо квалитетни инвестиции турските компании докажаа дека се баран и потребен партнер во сите краеви на Балканот. Турција е значаен инвеститор во Северна Македонија. Турските компании се присутни во разни сектори меѓу кои во банкарство, градежништво, осигурување, здравство, пропратна автомобилска индустрија, енергетика и образование со вкупна инвестициска сума од  над 1,3 милијарди долари. Турските инвестиции создадоа и нови над 5.000 работни места, рече Секизкок и додаде дека преку ТИКА Турција  ја поддржува земјава од осамостојувањето до денеска, а ќе продолжи тоа да го прави и во иднина.

Билатералната трговската размена, истакна, се зголеми за 46 отсто во споредба со минатата година што, како што рече, дава надеж дека во блиска иднина ќе ја постигнеме заеднички зацртаната цел размената да надмине една милијарда долари годишно.

-Како земји со испреплетени социо-економски и културни структури кои ги споделуваат истиот регион неминовно треба заеднички да ја изградиме нашата иднина, а за таа цел треба да ги зајакнеме дијалогот, соработката и солидарноста. Слично како и денес и во иднина треба да продолжиме со заеднички заложби со цел економски да ги зајакнеме и развиеме нашите земји и народи, посочи Секизкок и нагласи дека Турција ќе продолжи да го поддржува мирот, стабилноста и благосостојбата на Балканот и да ги развива економските односи со сите земји од регионот.

Во рамки на денешниот настан ќе бидат презентирани економските показатели и можности за инвестирање пред бизнисмените, а ќе се потпише и протокол за соработка помеѓу МАТТО, КТТО и ЕСНАФ.