Битиќи од Царовска ја презеде функцијата претседател на Влада задолжен за економски прашања и координација на економските ресори

Фатмир Битиќи денеска ја презеде функцијата претседател на Владата задолжен за економски прашања и координација на економските ресори од досегашната вицепремиерка Мила Царовска. Тој најави продолжување на заложбите на Владата во нова развојна економија која пред се ќе носи стабилност и предвидливост, иновативност и шанса за секој граѓанин.

Како што соопштија од Кабинетот на ЗПВРСМ за економски прашања, на примопредавањето Царовска и Битиќи разговарале за досега сработеното и за идните предизвици поврзани со економскиот раст и развој на државата.

Во срдечна атмосфера обајцата си посакале многу успех во претстојниот мандат, ефикасно справување со предизвиците и квалитетна соработка, имајќи ја повисоката цел в предвид, а тоа е држава со која сите ќе се гордееме.  

Царовска, која од денеска ја презима функцијата министерка за образование и наука, му посакала успех на Битиќи на новата должност. Таа посочила дека очекува добра соработка во рамки на новата Влада и оти ќе се продолжи со создавање и имплементација на успешни политики и преку реформски процеси да се движи земјата напред.

На позицијата вицепремиер за економски прашања Битиќи доаѓа откако во минатиот мандат ја извршуваше должноста посебен советник на премиерот Зоран Заев.