Биљана Ангелова реизбрана за ректор на УКИМ

Професор д-р Биљана Ангелова, редовен професор на Економскиот институт во Скопје, е реизбрана за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.

Наставно-научниот кадар на секоја од единиците во состав на УКИМ вчера од 12 до 14 часот со тајно гласање избираше меѓу двајцата кандидати за нов ректор – Биљана Ангелова и Дарко Данев, а се гласаше на 23 факултети и на пет институти во состав на УКИМ.

„Врз основа на член 175, алинеја 10, членовите 180 и 181 од статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје („Универзитетски гласник” бр. 425/2019) и глава Г), точка 6 од упатството за постапката за избор на ректор, Универзитетската изборна комисија на 7-та седница одржана на 28.4.2026 година, ја донесе следната одлука за утврдување на избран кандидат за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје во мандатниот период од 16 септември 2026 година до 15 септември 2029 година. Според доставените резултати од страна на изборните комисии (ИК), од спроведеното непосредно и тајно гласање на единиците во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје во мандатниот период од 16 септември 2026 година до 15 септември 2029 година е избран/а: проф. д-р Биљана Ангелова, редовен професор на Економскиот институт во Скопје“, се наведува меѓу другото во одлуката на комисијата.

Мандатот на ректорот, нагласува УИК, трае 3 години, почнувајќи од 16 септември 2026 заклучно со 15 септември 2029 година.

Ангелова, како што се наведува во записникот освоила 2924,125 поени, а д-р Дарко Данев, редовен професор на Машинскиот факултет во Скопје, освоил 2675,875 поени.

Гласањето започнало и завршило во предвиденото време, а според доставените записници и извештаи на изборните комисии на единиците, не се констатирани неправилности и проблеми.