Право на плата-заработувачка, нередовно исплаќање на прекувремена работа, неплатени придонеси,  дискриминација при вработување, работа под закани и притисоци, непочитување на правото на пензиско и здравствено осигурување, непочитување на правото на годишен одмор и правото на синдикално здружување се само дел од правата на младите работници кои најчесто се кршат.

-Завршив правен факултет, но за жал не најдов работа според она што го учев. Работев се друго, само не бев правник.Почнав да работам во еден маркет, за да собрам пари за да се дошколувам.Не сум пријавена и земам плата од 10 000 денари. Можеби поголемиот дел нема да се согласи со мојот став, но како и остантите Македонци кои бараат егзистенција за себе и за својата фамилија, и јас поднесов документи за бугарски пасош. Чекав скоро две години, и го добив пасошот, си заминувам со надеж за подбра иднина како за мене така и за моите деца, раскажува скопјанката Андреа (28).

Секое второ лице е неформално вработено а дури една третина од младите во државата не се вклучени во никакви активности, образование, обуки .

Тоа е запрепастувачка бројка од 53 000 млади луѓе кои никој не знае што прават, бидејќи немаат никаков однос, ниту се вработени, ниту невработени, ги нема во системот.

Младите во земјата кои немаат работа се соочуваат со долги периоди на барање на вработување. Учеството на невработените млади лица на возраст од 15 до 29 години, кои бараат работа повеќе од една година, изнесува 34.2% од вкупниот број на долгорочно невработените лица во 2016, објави ДЗС по повод 12 август – Меѓународен ден на младите.

Околу 10% од вработените во Македонија работат само со устен договор или без никаков конкретен договор, додека 25% од невработените се подготвени да работат без договор.

За потсетување, мерката Младинската гаранција значи во одреден период државата да финансира директно пари за бруто-плати на млади луѓе кои завршиле образование и се подготвени да се обучуваат или трајно да се вработат. За бизнис-заедницата тоа ќе значи бесплатно подготвување кадар, обучување на претходно теоретски подготвените млади луѓе, со намера, ако навистина вредат, да добијат трајно вработување и да биде искористен нивниот потенцијал-кажа премиерот при соопштување на овој сет мерки минатата година.