Билал Суџубаши: Зелената трансформација во иднина може да придонесе за градење посилна економија

Кризата во енергетиката, недостигот на одделни енергенси и следствено на тоа високите цени на струјата, гасот и фосилните горива, во центарот на вниманието и во земјава ја ставија зелената агенда, односно потребата од инвестирање во обновливи извори на енергија, енергетската ефикасност и заштита на природата. Бидејќи сево ова значи и поголеми инвестиции и потреба од кредитирање, во центарот на внимание се банките како составен дел од пошироката економија, од домаќинствата до национално ниво. За зелената агенда и транзицијата кон зелената економија зборуваме со Билал Суџубаши, главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје, банка која во државата е препознаена како еко ориентирана банка која спроведува низа акции и активности како свој придонес кон зелената агенда и заштита на животната средина.

Колку финансиските институции се подготвени за предизвикот кој стои пред нив, бидејќи зелената агенда значи значителни инвестиции?

Зелената револуција, особено во енергетиката, трае веќе две децении. Меѓутоа, климатските промени повеќе не можат да се гледаат како проблем за животната средина, бидејќи тие ги засегаат сите сектори на економијата. Преминот кон обновливи извори на енергија не е само услов за напредна климатска, економска и еколошка политика, бидејќи помалку суши и поплави, помалку конфликти околу ресурси, помалку глад и неуспешни жетви значат поголема сигурност и просперитет за сите.

Затоа, исто како и транзицијата кон дигиталната економија што се случи на почетокот на 21 век, транзицијата кон зелена економија ќе биде сеопфатна и длабоко трансформативна. Треба да биде јасно дека во текот на оваа деценија ќе има огромна промена во начинот на работа на компаниите и во тоа во што се инвестира. Затоа, зелената трансформација бара учество на сите во финансискиот екосистем.

Земјите се свесни дека постигнувањето на нивните цели за намалување на нето емисиите и премин кон обновливи извори на енергија бара значителни инвестиции во сите сектори на економијата, а зазеленувањето на банкарскиот систем е клучно за овозможување на тие инвестиции. Како резултат на тоа, политиката и регулаторниот пејзаж се менуваат низ целиот свет, со новите финансиски иницијативи и регулативи кои го придвижуваат капиталот кон зелените цели и се справуваат со финансиските ризици за климата и животната средина. Едноставно кажано, зелените банки се нашата иднина.

Што се подразбира под терминот зелено финансирање?

Зеленото финансирање е директно поврзано со темата за глобалното затоплување, односно климатските промени. Целта на зеленото финансирање е да се воспостави одржлив развој на планетата, преку намалување на негативното влијание преку активности на различни субјекти (компании, јавен сектор, население) врз животната средина со паметни инвестиции.

Се проценува дека економската штета од климатските промени изнесува околу 25% од глобалниот БДП. ММФ проценува дека природните катастрофи поврзани со климатските промени го намалуваат растот во просек за 0,4 процентни поени и до 0,7 процентни поени во помалку развиените економии. Се оценува дека негативниот ефект во наредниот период ќе биде уште поголем, особено во помалку развиената економија, при што се нагласува потребата од интензивирање на активностите на политичките лидери, но и на меѓународната заедница.

Токму затоа овој вид финансирање доби особено значење на крајот на 2015 година, по познатиот Париски договор, каде што речиси 200 земји се обврзаа да ги намалат емисиите на јаглерод диоксид во споредба со основата од 1990 година. Целта на Парискиот договор беше да се запре зголемувањето на глобалните просечни температури на помалку од 2 степени на почетокот на 22 век преку намалување на емисиите на штетни гасови.

За да се спроведе тоа неопходни се големи инвестиции во адаптирање и ублажување на климатските промени. Поради сето горенаведено, зеленото финансирање ќе има одлучувачко влијание врз понатамошниот развој на планетарните настани во следните 100 години.

Иако зелената агенда во светот трае подолг период, кај нас поинтензивно за ова почна да се зборува последнава година, поради заканите од недостиг на одделни енергенси и секако високите цени на енергијата, особено на увозната струја. Дали сметате дека ќе се опстои на ова и кога кризата ќе помине?

Во Република Северна Македонија навистина досега можеби повеќе декларативно се зборуваше за зелената агенда, за потребата од поголемо искористување обновливи извори на енергија, за енергетската ефикасност и слично. Но немаше многу акција можеби и од причина што и законските решенија не дозволуваа поголеми инвестиции во насока на зелената економија.

Сепак сметам дека работите се менуваат и дека зелената агенда дојде на ред и дека во иднина ќе гледаме сè повеќе инвестиции во оваа насока бидејќи тоа сега го дозволуваат новите законски решенија кои, на пример, предвидуваат и поедноставени процедури за поставување фотоволтаици, како во домаќинствата, така и во стопанството.

Искрено верувам дека ќе се опстои на спроведувањето на енергетската трансформација на земјата, бидејќи транзицијата кон чисти извори на енергија, како и создавање систем кој ќе овозможи економија отпорна на климата, е влог за иднината.

Каква е заинтересираноста на јавниот и на приватниот сектор за зеленото кредитирање? Дали има раст во побарувачката на кредити за зелени инвестиции?

Евидентно е дека расте свеста и на граѓаните и на стопанството, односно на државата во целина, за тоа дека зелената трансформација во иднина може да придонесе за градење посилна економија отпорна на шокови, но сепак тоа сè уште не е со посакуваното темпо.

Народна банка од неодамна почна да објавува квартални податоци за одобрени „зелени“ кредити како една од активностите за создавање „зелена“ и одржлива економија и објави дека во 2021 година учеството на зелените кредити изнесуваше околу 150 милиони евра, или само 2,5% во вкупните кредити. Сепак, раст има во финансирањето. Ланската година растот изнесуваше 23%, а заклучно со септември има натамошен раст од околу 6%. Односно, само во првото полугодие од годинава се одобрени кредити во вредност од 181 милиони евра, што е учество од 2,8% во вкупните кредити.

Верувам дека во иднина овој раст ќе биде поголем бидејќи расте свеста дека зелената трансформација е нашата иднина.

Колку Халкбанк посветува внимание на зелената трансформација и колку е подготвена истата да ја поддржи?

Ние како банка, веќе со години посветуваме внимание на зелената агенда. Впрочем, ние сме дел од една голема групација Халкбанк АШ Турција која има визија за создавање свет за живеење каде што економските, социјалните и еколошките влијанија се во рамнотежа во сите области каде што создава вредности. Тоа од една страна подразбира спроведување практики за дигитализација што ќе ја забрза транзицијата за намалување на емисиите, управување со отпад и банкарство без хартија, минимизирајќи го јаглеродниот отпечаток што произлегува од неговото работење.

Од друга страна и создавање производи кои можат да одговорат на потребите за премин кон зелена економија. Тука првенствено би ги споменал оние кои се насочени кон мерки за енергетска ефикасност бидејќи грижата за енергетската ефикасност започнува со секој од нас и може да донесе бројни придобивки за секое домаќинство, но и за животната средина.

Затоа, може да се каже дека енергетската ефикасност првенствено е прашање на свеста на луѓето и нивната волја да ги променат воспоставените навики кон повеќе енергетски ефикасни решенија, отколку што станува збор за сложени технички решенија. Енергетската ефикасност носи различни придобивки: намалување на емисиите на стакленички гасови, намалување на побарувачката за увоз на енергија, намалување на нашите трошоци на ниво на домаќинства и економија, намалена потреба за енергетска инфраструктура и зголемена енергетска безбедност преку намалување на увозот.

Со воведувањето на мерки за енергетска ефикасност ќе се намалат непотребниот отпад и прекумерната потрошувачка, а во исто време ќе се остварат и директни финансиски заштеди. Во прилог на заштедата на енергија е и тоа што воведувањето мерки за енергетска ефикасност влијае врз подобрување на животниот стандард, а покрај тоа мерките за енергетска ефикасност ги намалуваат и емисиите на стакленички гасови, вклучувајќи ја и емисијата на СО2.

Со оглед на намалувањето на потребата за примарна енергија, енергетската ефикасност може да се смета и како нов извор на енергија.

Какви производи во рамките на зеленото финансирање нуди Халкбанк на пазарот?

Во поглед на кредитирањето, успешната соработка меѓу Green for Growth Fund, Југоисточна Европа (GGF) и Халкбанк АД Скопје придонесе за склучување договор за втор голем кредит во износ од 10 милиони евра кој ѝ овозможува на Халкбанк преку своите еко кредитни производи  да обезбеди финансирање на проектите за енергетска ефикасност (ЕЕ), какви што се замената на енергетски неефикасните системи за снабдување со топлина и надградувањето на надворешната ѕидна и покривна инсталација, системите за греење и осветлување и останати уреди. Кредитните производи за ЕЕ кои се насочени кон деловните клиенти вклучуваат и замена и/или надградување на енергетски неефикасната производна опрема и останатиот дел од опремата што се користи во текот на производните процеси. Кредитот од GFF, исто така, ќе го олесни и пристапот до кредити во руралните области и ќе овозможи замена и модернизирање на застарената опрема за земјоделство.

Фондот Грин фор Гроут (Green for Growth Fund) - ГГФ, Југоисточна Европа инаку е првиот специјализиран фонд за унапредување на енергетската ефикасност и обновливата енергија во Југоисточна Европа, вклучувајќи ја и Турција, како и блискиот регион на источноевропското соседство.

Во поглед на зелено финансирање имаме креирано производи како на населението, така и на стопанството. Новиот Еко потрошувачки кредит  е наменет за физички лица и овозможува финансирање на проекти за енергетска ефикасност (ЕЕ), какви што се  замената на енергетски неефикасните системи за снабдување со топлина и надградувањето на надворешната ѕидна и покривна инсталација, системите за греење и осветлување, како и поставување фотоволтаици на покривот за производство на струја.

Овој производ е со максимален износ до 600.000 денари, а рокот на отплата изнесува до 95 месеци со вклучен грејс период во траење до 3 месеци. Варијабилната каматна стапка е дефинирана како: 3,75 процентни поени + референтната стапка за пресметување на законската каматна стапка која во моментов изнесува 2% (5,75% номинална годишна). Кредитот треба да се искористи наменски врз основа на доставена фактура/про-фактура од трговецот.

За правните лица е креиран ЕКО кредит како помош на деловните субјекти за намалување на трошењето и издатоците за енергија, а со тоа и намалување на испуштањето  јаглероден диоксид.  Овде кредитите се со износ до 10 милиони евра, со грејс период до 6 месеци и 5,3% фиксна каматна стапка за краткорочни кредити, односно 5,3 п.п + 6м ЕУРИБОР годишно, за долгорочни кредити.

Веќе неколку години спроведувате и повеќе еко практики кои се во насока на заштита на природата. Која е целта на овие активности?

И во земјава последниве години расте свеста за потребата за заштита на природата, и особено за потребата да се дише чист воздух. Загадувањето секако е еден од горливите проблеми на многу градови во Северна Македонија и секоја акција за намалување на испуштање штетни емисии и за зголемување на зеленилото насекаде наидува на позитивен ефект.

Ние сме горди што Халкбанк во државата е препознаена како еко ориентирана банка која спроведува низа акции како свој придонес за заштита на животната средина. И тоа не само преку кредитирање „зелени“ проекти, туку и со низа општествено одговорни активности и акции во насока на подобрување на состојбата во животната средина и истовремено подигање на свеста за тоа дека сите имаме ист дом – планетата Земја и дека треба да се грижиме за тоа каков дом ќе оставиме на нашите деца и идните генерации.

Зачувувањето на шумите, но и на севкупната добросостојба на нашата планета, е нешто што нѐ засега сите и обврска пред која што не смееме да си дозволиме да застанеме, особено кога се работи за нашата локална заедница. Ние, како еко-ориентирана компанија, преку разновидните кампањи и голем број спроведени акции и иницијативи, правиме навистина големи напори да дадеме видлив придонес кон подобра, почиста и поздрава средина за сите, но и кон поттикнување поголема одговорност кај секој еден чинител во општеството. 

Слободно можам да кажам дека Халкбанк е прва еко банка во државата и како таква посветено работи на подигање на свеста за еколошки прашања. Уште во октомври 2019 година, ја креиравме мобилната апликација ХалкЕко со која, со низа подароци и бенефиции, ги мотивираме граѓаните да пешачат, трчаат или возат велосипед. За возврат, Халкбанк презеде обврска за секои 80 километри поминати во овие активности, како кумулативна активност на сите корисници на апликации, да засадува дрвја. Досега, на овој начин се обезбедени над 20.500 садници, а емисијата на CO2 е намалена за повеќе од 209.400 кг.

Меѓутоа, ХалкЕко денес не е само апликација, туку прерасна во платформа во рамките на која реализираме и други проекти за поттикнување здрави животни навики и заштита на природата. Од првата акција на пошумување, одржана во октомври 2019 година, Халкбанк организираше низа големи и помали акции на садење нови дрвја преку кои се донирани над 33.000 нови садници кои се засадени на повеќе локации во земјата. Во рамките на платформата ХалкЕко  се реализираа и други проекти – се реновираа мостовите во новиот дел од Градски парк во Скопје, се уредија Зелени корнери во ТЦ Лептокарија во Скопје и во Гостивар, во Аеродром се направи зелен покрив на автобуска постројка, во Крушево се реновираше мост, итн. И секако тука се и низа спортски настани на кои како спонзор, покровител или организатор се јавува токму ХалкЕко платформата на Халкбанк.

Ние сме дел и од акцијата Priceless Planet на Mastercard која ги обединува корпоративните заложби за поздрава планета и овозможува значајни инвестиции за заштита и подобрување на животната средина.

Секако, нашата банка ќе продолжи и во иднина со своите активности во светло на заедничките принципи и ќе бидеме катализатор на промени кој ќе настојува да ја искористи својата моќ за заедно да го направиме светот подобро, поодржливо и позелено место.