Бик усмртил човек во Гостивар

Повозрасен човек бил денеска нападнат од бик во Гостивар. Човекот починал поради повредите кои му биле нанесени од нападот на бикот.

Според СВР Тетово, денеска во 9 часот во СВР Тетово е пријавено дека на добиточниот пазар во Гостивар, при истоварање од камион, бик го удрил неговиот 82-годишен сопственик Љ.С.од гостиварското село Врбен.

 Според првичните информации, старецот се обидел да го наведе животното да се симне од камионската приколка, но во еден момент тоа со главата удрило во телото на Љ.С. и му нанело тешки телесни повреди констатирани во гостиварската Општа болница „Ферид Мурад“, каде веднаш бил пренесен за укажување лекарска помош.

 За жал набргу потоа, тој им подлегнал на повредите. 

Јавен обвинител и екипа на Одделението за внатрешни работи Гостивар извршиле увид на местото на настанот и по извршениот медицински преглед телото на починатиот било предадено на семејството.