„Биди одговорен, однесувај се совесно" – штедете вода

Јавното претпријатие Водовод и канализација – Скопје почна кампања со цел подигнување на јавната свест за заштита на водоснабдителниот и канализацискиот систем под мотото „Биди одговорен, однесувај се совесно".

Рационалната употреба на водата, информираат од ЈП „Водовод и канализација" – Скопје, го заштитува не само водоснабдителниот систем, туку и правото на секој граѓанин за нормално водоснабдување.

– Дневните навики на граѓаните придонесуваат во заштитата на водоснабдителниот систем и квалитетот на водоснабдувањето до секој дом. Преку три чекори зголемете ја разумната и совесна употреба на водата и одговорноста во вашето однесување во однос на заштита на водоснабдителниот систем: при туширање, миење заби и раце или миење садови, осигурајте се дека водата не тече додека не ја употребувате; осигурајте се дека машината за садови и за алишта, пред употреба се целосно наполнети и редовно проверувајте ја исправноста на состојбата на чешмите, казанчињата и видливите цефки во домот, велат од ЈП „Водовод и канализација" – Скопје.

Наша должност, посочуваат, е да одлучиме да бидеме одговорни и да се однесуваме совесно во насока на рационална и разумна употреба на водата, за да има за сите, денес, утре и во иднина.

Злоупотреба на водоснабдителниот и канализацискиот систем граѓаните ќе може да пријавуваат на:

– 02 3073 010, Дежурно Информативен Центар;

– 02 3240 300, Дирекција – kontakt@vodovod-skopje.com.mk

www.vodovod-skopje.com.mkwww.facebook.com/jpvodovod.skopje.