Биди ми неделно утро...

Биди ми неделно утро.
Немој да бидеш понеделник и да ме повикуваш на одговорноста која ја презирам.
Немој да бидеш ни вторник, само да се надоврзуваш и да ме влечеш за ракав.
Среда е некако премногу во средина, а ти не си за средини...
Четвртокот некако е баш неважен, како и петок.
Сѐ нешто ветуваат, но залудно...
Сабота е нешто на кое сите му се радуваат, но некако е сечија.
Затоа, ти биди ми недела.
Но, биди ми неделно утро.
Потсети ме дека не морам никаде да брзам, дека сѐ е во ред и дека сѐ ќе биде во ред.
Сакам слободно да помислам дека никогаш нема да завршиш.

Неделното утро е нешто толку лесно, нешто како илузија...
Недела е шеќер во прав врз топла пита од јаболки, а врз неа стои едно топче сладолед.
Неделното утро е време кога човек може да преболи сѐ, па и тешкиот товар од останатите денови.
А си заминува како низ магла...далечно...
Исто како и ние кога сме заедно.

Неделното утро е нешто сосема извонредно, барем за мене. Исто како што си и ти извонреден.
Затоа, биди ми неделно утро...