Бидете внимателни кога сте во вода, особено ако станува збор за река или езеро- почитувајте ги правилата

Долго и тополо лето е пред нас, а тоа значи дека секој бара на некој начин да се разлади, но бидете внимателни кога пливате и сте во вода, предупредуваат надлежните.

Минатата година имаше дури 34 смртни случаи предизвикани од случајно давење и потонување. Оваа година уште на самиот почеток се случи едно давање во Охридското Езеро.

Па затоа за да не дојде до несакани и фатални последици, исто како лани, каде бројката е голема, се препорачува да се внимава, а исто така и да се почитуваат правилата, како и забраните на капење на оние места каде што тоа не е дозволено.

Надлежните ги советуваат родителите, своите деца уште од најмали нозе да ги учат да пливаат, или тоа да го дозволат на стручни лица.

Посебно внимателен треба да се биде во езерата и реките. Таквите води често на дното имаат скриени и изненадни премини во поголема длабочина, како и изненадни подземни ладни струи. Некои езера и реки на дното имаат заплеткани растенија во кои ногата лесно влегува. Во реките и езерата често не се гледа дното, па децата нема да видат по  што одат, а на дното може да има скршени шишиња и остри предмети. Заради се' наведено, потребно е големо внимание. Малите деца не смеат да влегуваат во река или езеро без елек за спасување, додека постарите би требало да бидат добри пливачи кои знаат да се однесуваат во вода според одредени правила.