Бидете трпеливи, ниту едно цвеќе не цвета во текот на целата година

Сите посакуваме среќни денови и радост, но тоа е невозможно.

Ниту едно цвеќе не цвета во текот на целата година. Не можеме да бидеме постојано среќни  и насмеани, не можеме секогаш да сметаме на поддршката од оние кои ни се најблиски и понекогаш доаѓаат денови кога ни изгледа како целиот свет да е против нас.

Но, еден лош ден или недела не значи дека имаме лош живот.

Да се потрудиме да научиме нешто од природата. Таа има четири сезони, четири годишни времиња, а секое од нив ни носи различно време, температури и различни околности. За цвеќињата, есента и зимата се време кога тие се повлекуваат, мируваат, се борат со студот, преживуваат, а потоа се раѓаат повторно со почетокот на пролетта. Секое од нив има свое време, свој период во текот на потоплите денови кога го доживува својот цут и кога воодушевува со својата убавина. Цвеќињата не и се лутат на природата за фазите низ кои таа поминува, зошто тогаш ние би посакале вечна радост и само среќни денови?

Можеби дождливите и потешки денови во нашиот живот се време кога треба да се повлечеме во себе, да рефлектираме, да направиме анализа за различни аспекти од нашиот живот и да си дадеме себеси шанса да ги доживееме сите тие негативни чувства кои можеби доаѓаат. Каде се брзаме? Кого постојано сакаме да воодушевиме?

Цвеќето кое цвета во одреден дел од годината не брза во својот раст, тоа го чека својот момент и ја разубавува нашата околина со сите свои магични бои. Кога имате тежок ден, кога ви изгледа дека ништо не ви оди и дека не ја заслужувате тагата или празнината која ја чувствувате, сетете се на сите фази низ кои минува природата. Погледнете околу себе, доживејте го годишното време и погледнете ги промените кои тоа ги носи со себе. Сите имаме своја пролет, но тоа не значи дека не треба да уживаме во другите сезони.

Можеби треба навистина да научиме многу од цвеќињата. Бидете трпеливи.