Безглутенски бургери од киноа и тиквичка

До сега имавме објавено неколку рецепти за здрави бургери, но верувајте овие се највкусните. Комбинацијата од киноа и тиквичка заедно со ароматични зачини е вистинската добитна комбинација.

Киноата не содржи глутен и лесно се вари во организмот. Таа е богат извор на: протеини, растителни влакна, минерали и тоа особено магнезиум, железо и витамин Б2 (рибофлавин).

Овој безглутенски оброк ќе ве нахрани и притоа нема да чувствувате надуеност или пак тешкотии во стомакот.

Потребни состојки (за 12-15 бургери):

  • 100 g киноа
  • 1 тиквичка со средна големина
  • 1 јајце
  • ½ лажичка лук во прав
  • малку оригано
  • сол, црн бибер
  • 1 лажици маслиново масло.

Начин на подготовка:

Киноата првин морате да ја сварите. Ставете ја да се вари на тивко и одвреме-навреме промешувајте. Варете 10-15 минути дури сосема не омекне. Потоа исфрлете ја вишокот вода и ставете ја киноата во блендер заедно со јајцето.

Во друг сад изрендајте ја тиквичката и посолете ја со сол. Потоа ставете ја изренданата тиквичка во цедалка и убаво истиснете го вишокот вода. Внимавајте да не биде водена тиквичката затоа што колку е поведена смесата толку по кревки ќе бидат бургерите и потешко ќе се формираат.

На крај измешајте ја киноата и тиквичката и додадете ги зачините. Имајте на ум дека лукот ја дава вистинската арома, него никако немојте да го заборавите.

Овие бургери можете да и пржите или пак да ги печете.

Ако се решите да ги пржите изберете тефлонско тавче кое не лепи така што ќе употребите само 1 лажица маслиново масло. Со лажица внимателно ставајте од смесата во загреаното тавче и пржете по 4-5 минути од секоја страна.

Ако ги печете загрејте ја рерната на 200°С и ставете ги да се печат на мрсна хартија попрскана со маслиново масло. Бидејќи смесата е потечна и нема да можете да ги формирате со рака, со лажица внимателно ставајте од смесата на хартијата за печење. Печете 20-тина минути.

Комбинирајте ги овие превкусни бурегери со зелена салата од марула, рукола, млад спанаќ и младо кромидче.

На здравје!