
Десет возачи биле лишени од слобода во текот на изминатото деноноќие поради безобѕирно управување со моторно возило. Меѓу нив има возачи без положен возачки испит, лица кои возеле под дејство на алкохол, како и возачи кои не ја почитувале активната забрана за управување со возило.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека полициските службеници постапувале на различни локации низ државата, а лицата се сомничат за кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ според член 297-а од Кривичниот законик.
Четворица од приведените управувале возило без положен возачки испит. Станува збор за Т.Т. (43) од Битола, О.И. (44) од Кичево, малолетник од Скопје и М.С. (35) од селото Ваташа, кавадаречко, кој управувал трактор.
Двајца возачи биле фатени зад воланот под дејство на алкохол. Кај 21-годишниот Д.Б. од Скопје биле измерени 1,99 промили алкохол во крвта, додека кај 67-годишниот Ј.Г. од Штип биле измерени 1,77 промили.
Уште тројца возачи управувале возило и покрај активната забрана за управување. Тоа се З.С. (55) и И.С. (54) од Кичево, како и С.М. (58) од селото Илиово, делчевско.
Полицијата лишила од слобода и малолетник од Неготино, кој управувал нерегистриран мотоцикл без да поседува возачка дозвола.
„По целосно документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави“, информираат од МВР.
Од полицијата апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите, да не управуваат возило без положен возачки испит, со активна забрана или под дејство на алкохол, со цел да се зголеми безбедноста на патиштата.