„Бев на настап на Танец, публиката како на свадба, си седи, јаде и коментира на глас...“

Јавноста со бурни реакции по недоличното однесување на ученици од осмите одделенија од две струмички основни училишта за време на изведба на театарот „Антон Панов“. Неофицијално, дел од учениците фрлале шишиња кон актерите на сцената. 

И додека едни вината ја лоцираат кај наставниците, други кај родителите, а трети прстот го вперуваат кон системот, засега нема официјални ставови на инволвираните за ова непримерно однесување на младите. 

Од друга страна, граѓанка сведочи за слична некултура за време на културен настан. 

Таа, во коментар, на социјалните мрежи го сподели своето искуство кое го пренесуваме во целост:

- Синоќа бев на настапот на Танец. Позади мене седеше жена која си правеше муабет како да е на пазар. Си помислив, ајде, нека искоментира нешто ако веќе не може да премолчи. Но, барем нека има малку осет и почит кон другите, нека го направи тоа со шепотење. Или, кога веќе неколкупати ќе се завртиш кон неа, да и текне дека пречи и дека таквото однесување не е во ред.

Од друга страна мајка со мало дете, сосема разбирливо, детето не можеше да биде мирно еден и пол час. Но, токму затоа треба да знаеме каде е соодветно да ги носиме децата.

По четириесетина минути, дел од публиката почна со гласни коментари, смеење... Баш како на свадба, кога луѓето си седат, си јадат и коментират кој како е облечен, кој се здебелил некое кило, кој е вистински играорец итн.

И после се чудиме како се однесувале осмоодделенците на театарска претстава.

Децата култура не учат само на училиште. Ја учат од нас. Ако возрасните не знаат да почитуваат уметност, изведувачи и публика, не можеме да очекуваме децата да знаат.