Бесплатни училишни униформи од септември за сите ученици во Гази Баба

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски денеска информираше дека успешно ја завршиле постапката за набавка на училишни униформи и посочи дека оваа учебна година сите ученици ќе добијат бесплатни униформи.

„Како градоначалник, верувам дека секое дете заслужува еднаква можност да учи, да се развива и да се чувствува прифатено. Токму затоа, оваа мерка има многу поголемо значење од самата униформа – таа е порака дека сите деца се еднакво важни и дека Општина Гази Баба е нивен искрен партнер и поддржувач. Училишните униформи придонесуваат за поголема еднаквост меѓу учениците, ги намалуваат социјалните разлики, поттикнуваат чувство на припадност кон училиштето и создаваат средина во која знаењето, трудот и воспитувањето се вистинските вредности по кои се препознава секој ученик“, истакна Стефковски.

Во исто време, како што вели тој, обезбедувањето бесплатни униформи претставува и директна поддршка за семејствата.

„Во време кога секој трошок е важен, наша обврска е да носиме мерки кои го олеснуваат секојдневието на родителите и обезбедуваат подобри услови за образованието на нивните деца. Образованието е најдобрата инвестиција што можеме да ја направиме. Затоа, покрај модернизацијата на училиштата, подобрувањето на инфраструктурата и создавањето подобри услови за учење, продолжуваме да инвестираме и во мерки кои обезбедуваат достоинствени и еднакви услови за секое дете“, нагласи градоначалникот.

Стефковски воедно посочи дека неговата визија била Гази Баба да биде општина во која секое дете ќе има можност безгрижно да расте, да учи и да ги остварува своите соништа, а секое семејство ќе знае дека има локална самоуправа која вистински се грижи за нивните потреби.