Бесплатни часови по германски и италијански за социјално загрозените ученици од ООУ„Кирил Пејчиновиќ“

Дечињата од социјално загрозените семејства од ООУ„Кирил Пејчиновиќ“ во општина Кисела Вода од понеделникот почнаа да посетуваат бесплатни часови по германски и италијански јазик.

Во организација на ова училиште 30-тина ученици кои имаат потреба од курсеви по странски јазик, а не се во можност да си го дозволат истото, посетуваат настава која волонтерски ја одржуваат професорот по германски јазик Владимир Алексовски и професорот по италијански јазик Владимир Андоновски.

Часовите се одржуваат во попладневните часови, двапати неделно по германски јазик и еднаш неделно по италијански јазик. Наставата се изведува во просториите на училиштето.

Оваа иницијатива е една од заложбите на училиштето да им се излезе во пресрет на потребите на учениците, на тој начин помагајќи сите да имаат еднакви можности за успешен образовен процес. Од таму најавуваат дека ваквата пракса ќе ја продолжат, со што уште еднаш ќе ја потврдат континуираната грижа за сите свои ученици.