Бесплатни банкарски сметки за ранливите категории

Бесплатни банкарски сметки за ранливите категории е предвидено во работната верзија на Законот за платежни услуги и платни системи што го подготвува Министерството за финансии во соработка со Народна банка, најави денеска министерот за финансии Драган Тевдовски на потпишување на Меморандум за финансиска инклузија.

Работната верзија предвидува сметката со основни функции да биде бесплатна за ранливите категории, односно по закон ќе добијат бесплатни услуги за отворање, водење сметка, уплати и исплати. За останатите потрошувачи, платежната сметка со основни функции ќе биде со разумен надоместок. Ќе напоменам, дека за да се отвори сметката, граѓаните не треба да поседуваат друга сметка со основни функции на свое име, како и дека на оваа сметка нема да можат да одат во минус, рече министерот за финансии Тевдовски.

Исто така, се воведуваат решенија во Законот за платежни услуги и платни системи, што ќе доведат до либерализација на пазарот на платежни услуги. Ова ќе придонесе за засилена конкуренција и нови, иновативни начини на плаќање, лесно достапни и со помали трошоци, рече Тевдовски.

Тевдовски посочи дека ова е првиот чекор кон поголема финансиска инклузија, што предвидува сите да имаат пристап до финансиски услуги и тоа на лесно достапен, безбеден начин и под прифатливи цени.

Придобивките од финансиската инклузија се повисок раст на БДП и помала доходовна нееднаквост. Анализите на Меѓународниот монетарен фонд покажуваат дека преку обезбедување на пристап до сметки, кредити, за жените, за ранливите категории, се овозможува побрз и поинклузивен економски раст. Друга придобивка од финансиската инклузија е дека таа привлекува повеќе луѓе во формалниот сектор, што во фискалниот дел значи повеќе приходи во буџетот. Повеќе приходи во буџетот пак значат подобро здравство, образование, инфраструктура и други јавни услуги, рече Тевдовски.

Финансиската едукација е исто така значаен инпут во финансиската инклузија, рече министерот за финансии. Тој ги повика заинтересирани училишта кои би сакале да организираат посети за учениците на Министерството за финансии или да им се организираат предавања во училиштата, да се пријават на маилот edukacija@finance.gov.mk.