Бесплатна помош за чистење и пазарење

„Нега плус“ важи за сите жители на Центар постари од 56 години независно од нивната здравствена и социјална состојба.

Жителите на Центар постари од 56 години, независно од здравствената или социјалната состојба, од вчера имаат можност да побараат бесплатна помош за одржување на домот (за чистење, перење, пеглање), помош и поддршка во извршување на секојдневните активности, како пазарење или прошетки, но и психо-социјална заштита... Помошта ќе им ја даваат професионални негуватели, кои се дел од проектот на Општина Центар и Х.Е.Р.А. за помош и грижа на повозрасните. Проектот ќе се реализира преку т.н. сервис за грижа на стари лица „Нега плус“. 

„Негувателите ќе бидат во посебни униформи и ќе имаат легитимации. Сервисот ‘Нега плус‘ за давање помош и нега во домашни услови е на располагање за луѓето кои се во длабока старост, лица кои имаат намалени физички и ментални способности, за лица со попреченост, болни и лица кои се во терминална фаза на болеста, поради што тие не се во состојба самостојно да живеат и да се грижат за своите домови без да имаат редовна нега и надзор“, појаснуваат од Општината.

Лицата на кои им е потребна помош, ќе може да ја побараат секојдневно на бесплатниот телефонски број 0800 23151, од 13 до 17 часот.

Општинарите информираат дека проектот „Нега плус“ е отворен со финансиска помош на американската амбасада во Скопје, при што Општината обезбедила локација, технички услови за работа и бесплатна телефонска линија.

„Општина Центар е прва единица на локалната самоуправа која на своите повозрасни жители им нуди ваков тип на помош и грижа за нив“, велат од Центар.