Бесплатна и анонимна психолошка помош за студентите - Како функционира Психолошкото советувалиште при Универзитетот „Климент Охридски“

Почнувајќи од академската 2018/2019 година при Универзитетот „Климент Охридски“ функционира Психолошко советувалиште за студентите.

Истото веќе пет години работи на две единици на универзитетот и тоа: Факултет за безбедност – Скопје под раководство на професорката Д-р Драгана Батиќ (психолог) и Високата Медицинска Школа – Битола под раководство на професорката Д-р Гордана Ристевска Димитровска (психијатар).

Основна цел на ова советувалиште е да им пружи помош на студентите во совладувањето на тешкотиите со кои се соочуваат во текот на студиите, а годините потврдија дека идејата за основање на истото беше вредна и нужно потребна кај студентите, велат одговорните од Психолошкото советувалиште.

Во интервју за Скопје Инфо разговараме со координаторката Христина Митаноска, студентка на Факултет за безбедност-Скопје, за нивната идеја, за она со што се соочуваат најчесто студентите во однос на „менталната хигиена“, како и како да се справат со животните предизвици. Одговорите се во координација со професорките Батиќ и Ристевска Димитровска. 

Која е идејата за функционирање на ова Психолошко советувалиште?

Примарен фокус на советувалиштето беа и останаа студентите. Основната идеја за функционирањето на советувалиштето е пружање на помош и поддршка во процесите на студирање како и во нивниот приватен живот. Тоа потесно подразбира потешкотии за снаоѓање во средината во која што живеат или делуваат, потешкотии со семејството и пријателите, потешкотии во градењето и совладувањето на факултетските обврски и општествените предизвици, но секако и успешно остварување на емоционалните и социјалните односи, сопствената индивидуалност и самостојност.

Денес, функционираме на едно повисоко ниво и тие цели на функционирање добиваат еден поширок спектар, со тоа што, активно работиме на социјалните мрежи преку објавување на текстови, статии и постови од значење за менталното здравје, како и со психо-едукативни работилници од отворен тип.

Каков е интересот на студентите? Уште ли е табу тема менталното здравје? Има ли опција за анонимност?

Психолошкото советувалиште УКЛО не располага со статистички податоци од тој тип, што го припишуваме на високото ниво на анонимност и затворен мал круг на луѓе кои работат во советувалиштето, конкретно кога се работи за индивидуални советувања. Меѓутоа, можеме да споделиме дека од основањето до ден денес, секој семестар се организираат групни советувања кои се составени од групи од десетина студенти и во двата семестри. Оттука, на Факултет за безбедност – Скопје работата се одвива преку одржување на психо-едукативни работилници (групни советувања) во траење од час и половина во која просечно, на секоја работилница присуствуваат по 10-15 студенти.

Како поминуваат годините и доаѓаат нови генерации се повеќе се намалува табу во однос на менталното здравје. Па така, сведоци сме на желбата на младите сѐ повеќе да се зборува за психолошките проблеми и предизвици со кои тие се соочуваат, како и желбата за меѓусебна помош и поддршка. Во текот на овие години, се повеќе млади бараат психолошка поддршка кога им е потребна, иако сме свесни дека се работи за процес.

Кога се работи за анонимноста на студентот, слободно можеме да кажеме дека тоа е еден од нашите основни принципи на работа. Секој студент при неговиот избор да побара психолошка помош избира помеѓу индивидуално или групно советување, со што тој ја има целосната контрола на анонимноста на неговиот проблем.

Барањата за индивидални советувања ги дистрибурира администраторот, кој што постапува со висока професионалност и заштита на лични податоци на студентот, а барањето се доставува до изборот на студентот (психолог или психијатар).

Додека пак, на групните советувања помеѓу првите разговори водени со студентите е и оној на кој што на студентите им се потенцира дека разговорите во советувалиштето остануваат во советувалиштето. Мора да се има во предвид дека студентите чувствуваат емпатија и блискост со групата, па од нивен интерес е да ја одржуваат таа блискост како и самите би можеле да се опуштат и разговараат.

Дали може да направете пресек – кои се најчестите проблеми со кои се соочуваат денеска младите?

За жал, постојат голем број на проблеми со кои младите се соочуваат денес. Најчести проблеми во врска со кои се обраќаат студентите на советувалиштето: љубовни и партнерски односи, токсични врски, односи со родителите, анксиозност, депресија, генерални проблеми со расположението и емоциите, меѓучовечки односи, труами, општествени и социјалнини притисоци.

Од друга страна пак, денес, располагаме со интересни податоци во однос на менталното здравје и младите. Истражувањето кое се спроведе во рамките на Психолошкото советувалиште УКЛО, за време на ковид пандемијата, направено врз студентска популација покажува дека 1/3 од студентите имаат значајна анксиозност и изразена депресивност, а дури 1/3 од студентите имаат ниска резилиентност.

Во оваа смисла, би истакнале и дека секој втор студент покажа знаци на трауматизација и алармантен пораст на суицидалната идеација, каде што, еден од пет студенти имал идеја за суицид, околу 6% од студентите речиси секој ден помислуваат на смрт или самоповредување (Ристевска-Димитровска, Батиќ, 2020).

Кој е вашиот совет до младите? Како да се грижат за своето ментално здравје?

Најдобрата инвестиција секоја млада личност е да инвестиција во себе си и своето ментално здравје. Ако тие се добро ќе можат со леснотија да се справуваат со сите животни предизвици и препреки кои ќе ги среќаваат во животот. Грижата за ментално здравје подразбира да бидеме свесни за себеси, за своето тело, емоции, за тоа што навистина сакаме. Многу е важно младите да се поддржат да ги следат своите потреби и цели и да останат верни на себеси и покрај тешкотиите кои општеството реално ги поставува пред нив.

Прифаќањето на здрави животни стилови како што се редовно вежбање, здрава исхрана, медитација, релаксација се одлична основа за унапредување на менталното здравје. Кога чувствуваат дека не можат сами да решат некој проблем, треба слободно да побараат помош.

Способноста да видиме дека помош ни е потребна е една од карактеристиките на доброто ментално здравје. Во таа смисла, не треба да чекаат. Треба да се обратат до психолозите и психијатрите, кои нудат психотерапија која ќе им помогне полесно да се справат со некој свој проблем. На тој начин ги превенираат понатамошните посериозни проблеми.

Во нашето советувалиште ги сензибилизираме студентите отворено да разговараат за сите проблеми, меѓу кои е и дестигматизација на менталното нарушување. Младите не треба да бидат оставени сами во тој процес. Ние возрасните, а пред се институциите мора повеќе да вложуваме во превенција на менталното здравје: општините да организираат креативни катчиња каде младите би поминувале повеќе време, отварање на советувалишта при општините, факултетите, студентските домови, домови за млади, каде младите гравитираат се едни од начините.

Превентивните активности мора да се организираат уште од градинка, преку основно и средно училиште, па се до универзитетите. На сите овие нивоа мора да се учи за менталното здравје, како да го чуваме и унапредуваме, а се тоа ќе превенира сериозни ментални нарушувања, болести на зависности, насилство, лоши партнерски врски. Култивирањето на овој аспект од нашиот живот е нешто најважно, бидејќи од тоа ќе зависи колку сме среќни и колку исполнето го живееме својот живот.