
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска информираше дека утрово од Општината ги испратила талентираните млади спортисти и учениците од семејства во социјален ризик на бесплатен летен спортско-едукативен камп во Охрид.
Тие ќе престојуваат во одморалиштето „Детски радости“ во Свети Стефан, каде им се обезбедени шест полни пансиони.

За квалитетното исполнување на времето на децата за време на престојот ќе се грижи стручен тим составен од наставници, аниматори и рекреатори, а за нивното здравје со нив патува и лекар.

„Навистина ме радува што денес ги испратив овие деца на заслужен одмор. Остануваме посветени на поддршката за децата од социјално ранливите категории, но и на вреднувањето на успесите на нашите млади спортисти кои го заслужија овој камп. Им посакав среќен пат, безбедно патување и незаборавно летување. Сакам сите да уживаат во летото, да градат нови пријателства и да се вратат дома со прекрасни спомени“, порача градоначалничката.