Учениците од деветто одделение од сите основни училишта во општина Аеродром имаат можност да извршат бесплатен скрининг на тироидната жлезда. Скринингот стартуваше вчера во ООУ „Гоце Делчев“ во Горно Лисиче и ќе бидат прегледани сите деветтоодделенци по претходно добиена писмена согласност од родителите или старателите.
В.д. градоначалникот, Дејан Митески, посочи дека Аеродром е прва општина во која се спроведуваат вакви скрининзи што имаат превентивен карактер.
Иницијативата ја даде директорот на здравствената установа „8-ми Септември“, проф. д-р Синиша Стојаноски, а родителите на учениците без двоумење ја прифатија оваа превентивна мерка.
Како што соопштуваат од општината д-р Стојаноски ги спроведува скрининзите во училиштата заедно со д-р Невена Маневска и посочуваат дека општина Аеродром останува посветена на создавање уште подобри услови за безгрижно и здраво детство на нашите најмили.