Бесплатен оброк за основците до петто одделение во Центар, ветува Котлар

Кандидатката за градоначалник на општина центар, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Нашата Котлар во вториот круг од локалните избори кој ќе се одржи во недела, на 31 октомври, за функцијата прв човек на општината ќе се бори со кандидатот на СДСМ и Коалицијата Горан Герасимовски. 

Меѓу другото, Котлар во својата предизборна програма предвидува бесплатен оброк за учениците од прво до петто оделение на подрачјето на општина Центар.

-Учениците ќе добиваат по еден здрав оброк на ден со специјално мени подготвено од нутриционисти. Придобивките се: поздрави деца, еднакви услови за децата, подобрата исхрана води и кон помотивирани деца во образованието, стои во нејзината програма. 

Во однос на образованието Котлар предвидува и изградба на четири градинки со капацитет за сместување на околу 600 деца. 

-Во населбите Пролет, Маџир Маало, Дебар Маало и Капиштец, а и проширување на капацитетот на градинката на ул. „Даме Груев“ во строгиот центар, се вели во предизборната програма на Котлар. 

Во однос на младите ќе се формира Иновативен парк за млади. 

-Ќе обезбедиме простор, модерно уреден, со модуларна инфраструктура за иновативни и старт-ап компании со современа технологија да работат во Паркот без надомест во првите 3 г. со цел размена на креативни идеи, вмрежување, средби и привлекување на инвестиции од областа на високите и зеленте технологии, работејќи на апликативни проекти, порачува Котлар. 

-Децата со посебни потреби ќе бидат соодветно згрижени во институција каде што ќе има педагози, дефектолози, педијатри, психијатри и негуватели. Потребно е да се откријат нивните способности и таленти и да се унапредуваат со цел секое од децата на свој начин да се интегрира во општеството, се наведува во програмата на Котлар за овие избори. 

Котлар предвидува и 200 стипендии за најдобрите студенти од општина Центар.