Бесплатен автобуски превоз и паркинг за посетителите на Водно за викендите и државните празници

Советот на Град Скопје ја донесе Одлуката за утврдување краткорочни мерки за намалување на загадувањето на амбиентниот воздух на подрачјето на Скопје.

Со оваа одлука се воведува бесплатен превоз на патници на автобуската линија број 25 (Транспортен Центар – Средно Водно), а се воведуваат и бесплатни пробни линии 25 А (Ауто Македонија – Средно Водно) и 25Б (Цветен Пазар – Средно Водно) за време на викенд (сабота и недела) и државен празник.

Со одлуката се предвидува и бесплатно паркирање во катната гаража „Македонска фаланга“ и паркингот „Дом на печат“ за граѓаните кои имаат намера да ја посетат парк-шумата Водно движејќи се пеш или користејќи го бесплатниот превоз на автобуска линија бр.25, како и за пробните линии бр.25А и 25Б за време на викенд (сабота и недела) и на државен празник.

Советот на Град Скопје на денешната втора седница усвои повеќе одлуки, меѓу кои Одлука за формирање Комисија за еднакви можности на жените и мажите, Одлука за давање согласност на Програмата за повластено користење паркинг услуга на јавните паркиралишта и на јавните површини наменети за паркирање со кои стопанисува ЈП „Градски паркинг“-Скопје од лица со посебни потреби за 2018 година, како и одлуката за формирање на градскиот штаб за заштита и спасување на Град Скопје.