Бесплатен автобуски превоз ако штетните ПМ10 честички се над дозволениот праг

Владата донесе интервентни мерки против загадувањето на воздухот кои почнуваат да важат од денеска, доколку концентрацијата на штетните ПМ10 честички е над прагот од 200 милиграми на метар кубен во текот на два последователни наместо досегашните пет дена и доколку праговите се измерени на најмалку 2 мерни станици во Скопје.

Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, рече дека доколку ПМ10 штетните честички се над овој праг два едноподруго дена, ќе биде воведен бесплатен градски превоз, а работодавачите ќе имаат обврска да ги ослободат бремените жени, лицата постари од 60 години и лицата со прележан инфаркт или мозочен удар.

Исто така, ќе бидат засилени инспекциските контроли на градилиштата, а владата ќе ги задолжи и сите јавни претпријатија, институции и агенции да ја ограничат употребата на службените возила.

Бошњаковски рече дека на следната седница Владата ќе ја разгледа можноста за интервентна набавка на опрема за лична заштита од загаден воздух, како маски со филтри за прочистување и набавка на прочистувачи на воздух за школите и градинките.