Беше среќна и предобрa: Нека живеат други луѓе благодарение на Верче - вели братот на девојката донор

Бевме три деца, сега останавме две… Јас сум најстариот брат, Верче и другата сестричка се помалите. Тешко ни е, претешко, но сакавме во овие моменти да помогнеме, да се спасат што е можно повеќе животи – вака во телефонски разговор за Фокус раскажува Мартин Белчовски, брат на 20-годишната Верче од Берово, чии органи семејството ги донираше.

Тој вели дека кобната сообраќајна несреќа во која настрадала Верче се случила на 7-ми април, на големиот верски празник Благовец.

Од тогаш беше во кома, заспа и не се разбуди… Прекрасна, среќна, предобра… Работеше во Струмица во угостителски локал, се грижеше за сите, беше насмеана. На прашањето дали таа нешто сакаше во животот, кои беа нејзините желби, ќе кажам дека Верче само сакаше да биде среќна – појаснува братот.

Додава дека не се двоумеле кога било донирањето на нејзините органи во прашање. Колку и да е голема нивната болка, се воделе од тоа, дека имаат шанса да спасат животи на други деца, да поштедат од болка други фамилии.

Нашата половина отиде, нека живеат други луѓе благодарение на Верче, таа би го сакала тоа. Размислуваме, доколку ситуацијата беше спротивна, доколку на Верче некој требаше да и донира орган, како нам би ни било – вели тој.