Беше дива депонија! Ново Лисиче добива нов голем парк со околу 1.000 дрвја

Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски денеска заедно со градоначалникот на општина Аеродром, Дејан Митески, го означија почетокот на изградбата на новиот парк во Ново Лисиче, во непосредна близина на ФФМ и последната станица на „5-ка“. 

- Ново Лисиче добива нов парк од 71.000 м² - запуштениот простор станува зелена гордост на Скопје!  Таму каде што со години имаше дива депонија, создаваме простор за живот, за детски насмевки, за прошетки и за дружење меѓу генерациите. Место кое повторно ќе им припаѓа на граѓаните, исполнето со зеленило! - објави Ѓорѓиевски на својот официјален фејсбук профил и додаде дека оваа голема зелена целина ќе стане омилено место за одмор и рекреација на сите посетители.

Околу 1.000 дрвја, од кои повеќе од 800 листопадни, а останатите зимзелени, ќе бидат засадени во рамки на нов парк во Скопје. Просторот ќе биде опремен и со пристапни патеки, детски катчиња, како и места за одмор и дружење.

„Секое ново дрво е влог во почист воздух, повеќе сенка и поздрава средина за нашите деца“, вели градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Според него, целта е новиот парк да биде простор кој ќе го користат сите генерации.

„Сакаме овој парк да живее со смеата на најмладите, со прошетките на семејствата и со средбите на нашите повозрасни сограѓани, место во кое секоја генерација ќе пронајде свое катче“, посочува Ѓорѓиевски.

Тој додава дека со овој парк, заедно со парковите кои веќе се изградени и оние на кои се работи, Скопје ќе достигне околу 200.000 квадратни метри парковско зеленило.

„Зад оваа бројка стојат конкретни простори што ги уредуваме и ги враќаме во секојдневието на скопјани“, вели градоначалникот.

Ѓорѓиевски нагласува дека грижата за зеленилото и јавните простори ја гледа како дел од грижата за квалитетот на животот на граѓаните.

„За мене, грижата за градот започнува со грижата за луѓето. Со тоа секое семејство да има каде да прошета, секое дете да има простор да создава убави спомени и секоја населба да добие зеленило какво што заслужува“, порача тој.

Во таа насока, додава дека уредувањето на парковите ќе продолжи и во други делови од градот.

„Продолжуваме да го градиме Скопје рамномерно, во секоја општина, со еднаква посветеност кон секој граѓанин. Градиме денес, за генерациите што доаѓаат“, истакнува Ѓорѓиевски.