Беше дел од историската трансплантација: Медицинската сестра Котевска со емотивна објава

Докторите од Клиниката за Дигестивна хирургија, КАРИЛ и Гастроентерохепатологија во петок минатата недела ја направија првата трансплантација на црн дроб од починат донор во Македонија. 

Историски момент - пациент на возраст од 60 години доби здрав орган од починат донор! 

Дел од тимот кој ја спроведе трансплантацијата е и сестра Вики Котевска. 

Таа на својот фејсбук профил објави долг емотивен статус и фотографии од процесот. 

-За некои беше само обичен "black friday", а за нас најсветлиот шо може...- пишува таа. 

Ова е нејзината објава во целост: 

И после 24 часа, два три реда за чудото што успеавме да го направиме..Затоа што денот ни продолжи во ноќ, ноќта си дочека ден, а ние сѐ уште работевме како да е само неколку часа.. А било многу подолго..

25.11.2022, еден петок...

За некои беше само обичен "black friday", а за нас најсветлиот шо може..

Еден твит, краток, бидејќи за толку само остана сила вчера:

"Оние 3 мин клема ме коштаат сигурно 3 години од животот... Но вредеше...

После 40 часа неспиење, изморена, исцрпена, ментално и физички скоро убиена, прегорда сум шо бев дел од тимот кој многу години се спремаше за денов: Првата трансплантација на црн дроб во земјава. Историја"

Нема мерна единица за количината на среќа која нѐ преплави сите, која го замени стравот од одговорноста која ја имавме, после толку години чекање, после толку години очекување, после години припремање, после години игнорирање на скептицизам и неверување на голем дел од фелата, години на борба,учења, собирање искуства, и мнооогу желба, истрајност, упорност.

И кога во темнината на ноќта се собравме сите повикани, и кога пациентот со надеж во очите за живот спремен да заспие за последен пат, ни кажа:

" -Спремен сум, а спремни сте и Вие, со среќа да ни е",

.. кога неколку тима работеа како еден, од болничари за набавка, од сестри со мал милион припреми кој што може да помогне, од координатори кои ги припремаат работите да нема никаков пропуст, од вккучени неколку клиники, постојани информации за наредните чекори, од растреперени срца од одговорноста на секој еден вклучен во процесот, клиники лаборатории и институти, клинички фармацевт, сестри кои водеа грижа секоја минута сѐ да има навреме, вештите инструментарки кои работеа како едно цела ноќ и во текот на денот, сѐ до вештите раце на хирурзите и острите умови на анестезиолозите и анестетичарите...

И перфузионистов, де .

.. Мали тимови, но големи во храброста и духот.. . Борба за секоја минутка, борба за секоја клетка, борба за секоја пулсација, сите , горди да помогнат за сето ова да успее..

И бидејќи сите работевме како еден, и секој веруваше на алката до себе во синџирот на учесници, конечно успеавме.. Кога фактите говорат и најголемите скептици треба да признаат дека ова е огромен успех.. Огромен.. Толку долго очекуван, и со толку голем притисок и очекувања од тимовите.

Првата трансплантација на црн дроб во Македонија од починат донор..Успеавме!

Мала беше "сала бр1" за набојот на емоции кога почна аплаузот за честитките на секој вклучен во процесот, кога органот почна да работи во новото тело..

Аплауз громогласен до небото, аплауз за секоја капка пот, за секоја солза, за секоја нервоза, за секое трчање, за секое учење, за секоја непрописпена ноќ, за секој сомнеж, за секој грам страв, за секој момент на притисок да дадеме сѐ од себе.. Аплауз на годината, на деценијата, за најупорните, најхрабрите, најиздржливите...

Одамна немало толку позитивна енергија, радости, честитки и среќа во Оперативниот блок.. Напишавме историја.. Креиравме почеток.

Како што си велевме : Еднаш мора да се почне..Можеме и мораме..

Благодарност прво до фамилијата на Донорот, им ја посакувам сета среќа и здравје ,.. Во најтешките мигови да помогнат на други.. Таква особина на несбичност и воља да се помогне кога губиш близок е одлика која ја имаат само ретките на овој свет, посебните.. Секоја чест, и само убавини да доживуваат..

Благодарност до реципиентот кој се согласи да ни го довери животот во наши раце, знаејќи дека ќе биде прв пациент во овој вид трансплантација. Посакуваме да ги помине успешно и оние најтешки чекори понатаму под закрилата на одличните анестезиолози и сестри во постоперативниот период, и да си го прифати организмот новиот орган и да си добие нов живот.

Благодарност до сите колеги, сите вклучени во приказнава кои помагаа, даваа поддршка, доѓаа и со стиснати палци ни велеа-Ајде среќно, до колегите кои ни носеа вода или кафе и се грижеа да издржиме, кои нѐ прашуваа како си, дали треба нешто, браво, секоја чест.. Зборови кои во такви моменти се лек и стимул да се издржи..

Фала му на адреналинов шо нѐ одржа сите бистри, на нозе, растрчани, кинцентрирани, без паники, убаво нѐ излупа сите, ќе осетиме колку не раздрмал по некое време, уште имаме големи резидуи во нас..

Фала на сите. На сите.. На сите што веруваа, на сите кои сфатија колкав чекор е ова за нас, пионерчиња во нешто ново, нешто за нас "недостижно" но со среќа и чест да бидеме дел од приказнава.. Голема приказна, голема, долга, но важно со среќен крај..

Покажавме и докажавме дека само упорноста и желбата се најважни.. Ако се доволни силни и големи, колку време и да помине не може да уништи желба, само ќе донесе немерлива количина на среќа, која ете ние имавме чест да ја осетиме ..

Вечно ќе го паметам денов, како член на Првата трансплантација на црн дроб, и тие 3 минути каде една секунда ми беше како година...

А да, благодарам на мојот најдобар пријател Belmond Rapid infuser,за успешното функционирање, шо си ја докажа вредноста зошто е незменлив...

Честитки... На сите нас.. Да се мери среќата во крвта, сега само среќа и гордост ќе ни измерат...