Белградско драмско позориште гостува во МНТ

На сцената на Македонскиот народен театар на 4 и 5 октомври со почеток во 20:00 часот ќе гостува Белградско драмско позориште од Белград со претставата „Лет над кукавичкото гнездо“, според текстот на Кен Кеси/Дејл Васерман, а во режија на Жанко Томиќ.

Со оваа претстава, славниот актер и режисер Драган Бјелогрлиќ се враќа на сцената на Белградско драмско позориште во легендарната црна хумористична сатира за поединецот во репресивното општество, институциите за ментално здравје и слободата на духот.

Главниот лик на Редни П. Мекмарфи го игра Драган Бјелогрлиќ, а останатите актери се: Слободан Бода Нинковиќ, Милан Чучиловиќ, Даниел Сич, Милутин Мима Караџиќ, Младен Совиљ, Срѓан Дедиќ/Јово Максиќ, Саво Радовиќ/Милош Петровиќ Тројпец, Ненад Гвозденовиќ, Милица Зариќ, Јана Милосављевиќ, Владан Милиќ, Милош Лазаров/Урош Јанковиќ, Зоран Ѓорѓевиќ, Анка Гаќеша-Костиќ/Ања Алач, Нада Мацановиќ/Маја Ранѓиќ.

Сценографијата за претставата е дело на Зоран Ристиќ, костимограф е Јелисавета Татиќ-Чутурило, композитор е Александар Симиќ, на сценските борби работеше Александар Тасковиќ, а специјалните ефекти се на Томислав Маги.

Признат од критиката како еден од најдобрите филмови во историјатот на кинематографијата, „Лет над кукавичкото гнездо“ (1975) на Милош Форман го освои Оскарот за најдобра режија и најдобар филм, за главна женска улога која ѝ припадна на Луиз Флечер, и наградата за машка улога на Џек Николсон за главниот лик на Редни П. Мекмарфи.