Белградската филхармонија на 9. октомври ќе настапи во Скопје

Симфонијата број 6 од Густав Малер е на репертоарот на Филхармонија на 9-ти октомври во изведба на еден од најдобрите оркестри на Балканот, Белградската филхармонија, под диригентство на маестро Габриел Фелц од Германија.

Како што информираат од Филхармонија, основана во 1923 година, Белградската филхармонија денес се позиционира како најдобар оркестар во регионот и ансамбл кој претставува освежување на меѓународната концертна сцена. Во 2017 година, започна традиција на концерти на отворено кои бележат историски успех и се едни од најголемите од областа на класичната музика на Балканот.

Габриел Фелц е шеф – диригент на Белградската филхармонија од сезоната 2017/18 година. Од 2013 година работи и како генерален музички директор на Дортмундската опера и шеф – диригент на Филхармонијата во Дортмунд. Роден е во 1971 година во Берлин. Од 1989 до 1994 година, студирал на Музичката академија „Ханс Ајзлер“ во Берлин, на одделите за диригирање и пијано.