Иако е родена во 2025 година, белата лавица Луна, сега станува светска интернет сензација.

Photo by Calum Hill on Unsplash
Со своите светлосини очи, речиси снежнобело крзно и долгите трепки, белата лавица Луна стана вистинска интернет сензација. Таа живее во зоолошкиот парк Nature Park Zoo во градот Даегу, Јужна Кореја. Родена е на 18 август 2025 година, а за само неколку месеци нејзини фотографии и видеа ги освоија социјалните мрежи. Многумина велат дека изгледа како да е од бајка, а не како вистинско диво животно.

Но, зад нејзината убавина се кријат неколку интересни факти:
• Белите лавови не се посебен вид, ниту пак се албино. Нивната боја е резултат на ретка генетска особина наречена леуцизам, која ја намалува количината на пигмент во крзното, но не и во очите и кожата.
• Во дивината белите лавови се исклучително ретки. Потекнуваат од регионот Тимбавати во Јужна Африка, каде локалните народи со векови ги сметаат за свети животни и симбол на мир и благосостојба.
• Иако изгледаат различно, тие се ист вид како и сите други африкански лавови (Panthera leo). Нивното однесување, исхрана и животен циклус не се разликуваат.
• Поради светлата боја, белите лавови потешко се камуфлираат при лов во дивината, што може да им го отежни преживувањето.
• Денес најголем дел од белите лавови живеат во зоолошки градини, резервати и програми за зачувување на видот, бидејќи нивната популација во природата е многу мала.
Колку и да изгледаат нереално, белите лавови се потсетник дека природата сè уште може да нè изненади со својата разновидност и убавина.