Бектеши најави „Старт-ап село“ и отворање фирми со 1 евро

Започната е постапка на законски измени и основање фирма со основна главнина од 1 евро, рече министерот за економија Крешник Бектеши најавувајќи ги приоритетите и проектите од неговиот ресор во вториот мандат.

Со можноста за основање фирми со основна главнина од 1 евро, тој вели дека граѓаните ќе имаат поголеми можности со минимални трошоци да ги реализираат своите идеи и бизнис-планови.

Исто така, работиме на создавање на регистар на парафискални давачки со кој ќе целиме преку реформи во институциите да ги намалиме парафискалните давачки до 75 отсто и нивно нивелирање во согласност со големината на стопанските субјекти, преку дијалог со стопанските комори – рече Бектеши.

Тој го спомена како еден од приоритетите и веќе најавениот проект со кој „Македонско село“ во Нерези ќе се претвори во стартап-село, каде што младите од земјава и странство ќе имаат можност да основаат бизниси без да плаќаат режиски трошоци. Бектеши најави дека ќе се работи и на посебен Закон за бизнис-ангели и измени во Законот за инвестициски фондови, со кои ќе се олеснат и намалат ограничувањата за основање на инвестициски фондови. Во завршна фаза, рече тој, е и трансформацијата на Фондот за иновации и технолошки развој, додека научно-технолошкиот парк, кој започнал со операции во март минатата година, треба да биде целосно функционален во 2025.

Целта во наредните четири години е Република Македонија да стане регионален акцелератор за стартап, со што ќе станеме центар за развој на нови бизниси за млади претприемачи, со потенцијал за брз пораст. Со воведување на регионалниот акцелератор, во рок од шест месеци од објавата на првиот повик, ќе се прошири опфатот на апликанти и на земјите од Западен Балкан – вели Бектеши.

Тој се осврна и на кризата со ковид-19, која рече дека во изминатите седум месеци ги забавила проектите, а најави и дека до крајот на неделава може да се презентира и четвртиот пакет на економските антикризни мерки.

Министерот зборуваше и за реформи во енергетскиот сектор, па потсети дека е донесен нов Закон за енергетика кој е во согласност со европските нормативи.

Нашата цел е до 2024 над 50 проценти од вкупната инсталирана електрична моќност да доаѓа од обновливи извори на енергија – рече Бектеши додавајќи дека на тој начин ќе се зајакне енергетската независност.

Меѓу проектите од енергетиката што ги спомена се и трансформација на ТЕЦ „Неготино“ во постојка што ќе користи природен гас, инсталација на ветерни електрани со моќност од дополнителни 160 мегавати, зголемување на капацитетите за фотоволтаични електрани и др.