Двајца скопјани, Драган и Димитар, се ентузијасти да создадат еко-заединца во околината на Скопје. Велат дека луѓето полека се будат од капитализстичкиот сон.
- Загрижен за тековната состојба со загадениот воздух во Скопје која нема да се реши набрзо, како и за веќе нарушениот имунитет и лежење болен со месеци, со Димитар отпочнавме иницијативата за формирање на еко заедница некаде на 15-20 км од Скопје. Заедница втемелена на екоцентричност, братство и слога; во природа, до шума, до река, со бавча; далеку од скопскиот отровен воздух, а сепак доволно блиску за културни настани и социјализација по желба. Имавме до сега веќе 2 средби и се собравме околу 25 заинтересирани луѓе што би се вклучиле, вели еден од нив.
Следно, како што најавуваат, е формирање на работна група со конкретни акциски точки, сумаризација на сите идеи и активно разгледување на идеално место за купување плац или куќи во близина на Скопје и отпочнување на заедницата.
- Не заминувам, ниту се откажувам од борбата и визијата за едно поубаво општество. Ова е само мала грижа за себе, надвор од скопскиот смог-канцер од изгорени честички на европско ѓубре во зима, Сахара во лето, неплански бетонски чудовишта што ствараат депресија, анксиозност и осаменост од примораноста да сум затворен во 4 ѕида 10 од 12 месеци од годината ради горенаведените точки. Млад, наивен и полн ентузијазам едвај чекав да се преселам во Скопје, сега едвај чекам да се отселам... Живот... Доколку ви фаќа око идејава за некој баланс помеѓу цивилизацијата и природата, можете да нѐ заследите и да се информирате повеќе на социјалните мрежи, сподели Драган.