Бегајте од луѓето на кои никогаш не сте им доволно добри

Зошто понекогаш луѓето не се добри едни кон други? Зошто постојат толку лоши бракови и врски, лоши семејни и пријателски врски? Некои луѓе едноставно не се добри ниту кон себе, ниту кон другите. И сѐ затоа што тие не се чувствуваат добро, затоа што сонцето не е доволно жолто, а месечината е малку накривена. Па како тогаш некој друг човек би им бил доволно добар? 

Има луѓе кои ете така се „накриво насадени“, па успеваат во сѐ да видат нешто лошо. Со нив е невозможно, невозможно е да ги направите среќни, затоа што од моментот кога ќе отворат очи наутро, насекаде гледаат лоши работи. Секогаш забележуваат како некој погрешно го паркирал автомобилот, како некој лошо се облекол, како некој лошо ги гледа. Овие луѓе секогаш забележуваат колку е некој прост, глупав, грд или расипан и ова оди до недоглед. На овие луѓе, ниту еден маж или жена не им се доволно добри, ниту едно дете не е доволно добро за нив, ниту своето, ниту туѓите. Тие наталожуваат несреќа околу себеси, затоа што ако на нив не им е добро (а никогаш не им е), тогаш никој покрај нив не смее да се смее или да ужива. 

Овие луѓе ја цицаат секоја трошка среќа од секој човек со кој ќе се сретнат. И затоа велам: Бегајте од вакви луѓе, дури и ако ви се најблиски. Одете си од нив, ако се чувствувате како пропаѓате заради нив, ако постојано се чувствувате како да седите на половина столче, ако се чувствувате како да треба да „газите на јајца“, ако постојано се плашите што ќе кажат и како ќе изреагираат, ако поради нив постојано се чувствувате вознемирено. 

Ако поради овие луѓе вие не растете, ако не се смеете, ако вашата среќа и радост не можете да ја споделите со нив, тогаш зошто би сакале да бидете покрај нив? Бегајте од лоши луѓе и можеби ќе видите како полека ви се намалуваат и паничните напади, анксиозноста и тагата, затоа што тоа не значи дека не го сакаш животот, туку таквиот живот со таквите луѓе. Не бидете покрај луѓе кои не ве гледаат со милост, на кои никогаш не сте им доволно добри, дури и кога ви се најблиски. 

Бидете покрај оние на кои сте им убави, на кои сте им добри, такви луѓе ви требаат за брак, живот, пријателство, родителство. Не ги грејте оние кои се незагреани и не се пробувајте да ги затоплите замрзнатите. Бегајте од луѓето на кои не сте им доволно добри, затоа што на таквите луѓе никогаш никој не им е доволно добар. Тие се несреќно составени, па затоа не се обидувајте да составите и да поправите никого, занимавајте се со сопствените делови во душата.