БЕГ бесплатно ќе ги приклучува граѓаните на парно греење

Доколку граѓаните одлучат да се приклучат на системот за централно греење ќе добиваат освен бесплатен приклучок и авансни фактури на 12 месечни рати од 18,08 денари по метар квадратен (без ДДВ).

 Балкан Енерџи Груп (БЕГ) која што скопјани ги снабдува со парно греење продолжува со акцијата за бесплатно приклучување на потрошувачите кои ќе се приклучат на системот за централно греење. Компанијата веќе има налепено соопштенија на зградите со известување за најновата акција. Акцијата за бесплатно приклучување ќе биде спроведена по принципот “прв пријавен, прв услужен”. Доколку граѓаните одлучат да се приклучат на системот за централно греење ќе добиваат авансни фактури на 12 месечни рати од 18,08 денари по метар квадратен (без ДДВ).

– Плаќањето на рати е дополнителна финансиска погодност во однос на другите извори на греење. Според последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, цената на топлинската енергија од централното греење се намали за 2,75 проценти за сите категории на потрошувачи. На тој начин продолжува трендот на постојано намалување на цената на услугата за централно греење во последните неколку години, истакнуваат од БЕГ.

Од компанијата појаснуваат дека од 2013 година кога БЕГ ги доби лиценците за централно греење, цената на категоријата домаќинства кумулативно е намалена за 31,32 проценти. Со новата намалена цена, користењето на топлинска енергија од централното греење е најмалку двојно поисплатливо од другите енергенси за греење.

– Со приклучување на системот за централно греење, добивате современ конфор во вашиот дом и рамномерно загревање на сите простории при намалени финансиски трошоци. Истовремено, придонесувате за намалување на загадувањето на воздухот во град Скопје, бидејќи централниот систем на греење како енергенс го користи исклучиво природниот гас и ги задоволува највисоките еколошки стандарди, стои во соопштението на компанијата.

Според податоците од новата студија што ја изработи Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), презентирана на координативниот состанок за загадувањето што се одржа во Клубот на пратениците, дури 45 насто од домаќинствата во градот се греат на огревно дрво, 30 насто на електрична енергија, а само 21 насто се приклучени на парно, а греењето најмногу придонесува за загадување на воздухот.

За поголем број приклучоци проблем претставува тоа што во новите згради инвеститорите не ставаат приклучок за централно парно греење па станарите се приморани да се греат на струја, а би требало да биде обврска за да имаат алтернатива.

Во 2017 година на централниот систем на греење се приклучиле 170 нови корисници. Повторно на системот на централно греење, пак се вратиле 1.200 потрошувачи кои претходно биле исклучени или заедно вкупно годинава на БЕГ се приклучиле 1.370 корисници.

– Зголемување на бројот на потрошувачи кои се приклучуваат, а кои од различни причини се исклучиле од системот за централно греење до 2013 година, се должи на подобрениот квалитет на услугата, како и конкурентноста на услугата во однос на останатите извори на топлинска енергија, посочуваат од БЕГ.