Бед Копи, Лепи Џони и Соња Исмаил утре во МКЦ!

По извонредните случувања во рамки на 18-иот ТАКСИРАТ кои го одбележаа овој ноември, со вкупно одржани 24 концертни настапи, ПИН конференцијата со над 40 гости и трите целосно распродадени изведби на спекуларниот бродвејски мјузикл Монти Пајтон Спамалот, програмата на ТАКСИРАТ продолжува и во декември. А веќе утре (четврток, 1-ви декември) нѐ очекува следниот настан, богат со различни содржини и музички настапи на БЕД КОПИ, ЛЕПИ ЏОНИ и СОЊА ИСМАИЛ, и тоа со БЕСПЛАТЕН ВЛЕЗ за сите посетители!

Таксират во рамките на своите активности за подигање на јавната свест и промоција на позитивните вредности и годинава се приклучува кон светската кампања за борба против ХИВ/СИДА, организирајќи го утрешниот настан посветен на Светскиот ден на СИДА-та (1-ви декември). Настанот е дел од Националната кампања за борба против ХИВ/СИДА поддржана од страна на Светската Здравствена Организација и ќе се одвива под мотото „Шизици, уживајте без ризици - Тестирај се, заштити се, не дискриминирај”.

Локацијата за следното концертно дружење на Таксират е Младинскиот Културен Центар, со програма која ќе се одвива од 16:30 часот, па сѐ до полноќ.

По овој повод во Скопје доаѓа познатата белградска хип-хоп тројка BAD COPY, сочинета од контроверзните Sky Wikluh, Timbe и Ajs Nigrutin, творци на некои од најхумористичните рими на овие простори и сопственици на големите хитови „Esi mi dobar“, „Ljubav ili pivo“, „Idemo odma“ и „Dzastin Biberi“.

Со свој концерт овој настан ќе го збогати и LEPI XHONI (Лепи Џони), соло-проектот на Љупа Ангелов и неговите нераскажани приказни во својот матичен бенд, психоделичните сурф-диско-панк рокери The John. Покрај нив, во музичката програма на настанот со свој DJ сет ќе се претстави и СОЊА ИСМАИЛ.

За време на настанот, во Киното Фросина ќе бидат одржани и проекции на филмовите: „Кога облаците пукаат " на Кумјана Новакова, „Welcome to Pokrov" на А. Њувит Бингол, „Здраво кукло” и „Плукни во шприцот” на А. Њувит Бингол, а за прв пат ќе се промовира и неговиот филм „The Path to Solution”. Во фоајето на МКЦ пак, ќе биде одржана изложба на овогодинешниот „Twitter календар”.

ТАКСИРАТ 18 започна на 13ти ноември со спектакуларниот концерт на Жан-Мишел Жар, продолжи минатиот викенд со исклучително богата програма кога во МКЦ во два дена се одржаа четири различни настани: распродадениот концерт на Skye & Ross from Morcheeba, дводневната ПИН конференција и шоукејс фестивал, петчасовната техно журка предводена од THE ADVENT и најдругарскиот ЛУЗЕР ФЕСТ. Веднаш потоа следеа деновите посветени на ексклузивното гостување на бродвејскиот хит-мјузикл МОНТИ ПАЈТОН СПАМАЛОТ кој ја воодушеви публиката со три целосно распродадени изведби во МОБ.

По утрешниот настан, односно веќе следниот ден, 2-ри декември во МКЦ е резервиран за големиот славенички концерт на SMUT со кој бендот, основоположник на метал-кор стилот во регионот и една од најценетите групи во овој дел од Европа одбележува 20 години постоење на музичката сцена. Како специјални гости на овој концерт ќе настапат POINT BLANK и CORTEX.

На 3-ти декември во МКЦ ќе се одржи концертот на легендарниот калифорниски арт-рок бенд TUXEDOMOON. На овој концерт во рамки на ТАКСИРАТ, гигантите на анвангардната поп музика, ексклузивно и прв пат во целост ќе го изведат својот култен деби албум „Half-Mute“, по повод 35-годишницата на ова, нивно најпознато издание.

По речиси точно еден месец од отворањето, на 9-ти декември во Метрополис Арена, ТАКСИРАТ ја пречекува својата публика на главната фестивалска вечер за заокружување на 18-тото издание на фестивалот. Финалната вечер на ТАКСИРАТ 18, како целовечерно славење на македонската музика, за првпат во историјата, на иста сцена ќе ги претстави гигантите на домашниот современ звук: АРХАНГЕЛ, КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ, САНАТОРИУМ, ФОЛТИН и ЧИСТА ОКОЛИНА! Честа да ја отвори оваа програмата на главната вечер ќе ја има подебникот на годинашниот ЛУЗЕР ФЕСТ, групата CONTACT 59!