Од Спортскиот Центар „Борис Трајковски“ известуваат дека по 20 месеци непрекината работа на пливачкиот базен со спортските клубови и рекреативците кои членуваат, во моментов се спроведува процес на промена на водата во базенот „Карпош”.
- Сѐ со цел да обезбедиме квалитетни услови за сите посетители и корисници. Одлучивме целиот зафат да се изврши во текот на летниот период, бидејќи најголем дел од клубовите и рекреативците ги користат годишните одмори, со што нема да се причини голема загуба во однос на тренинзите и натпреварите, велат надлежните и додаваат:
- Базенот „Карпош” е единствениот пливачки базен кој нуди беспрекорно чиста вода којашто е хемиски и бактериолошки исправна за капење, а за тоа покрај службите на СЦ „Борис Трајковски", заслужни се и надлежните од Центарот за јавно здравје, коишто се задолжени за целосно испитување на параметрите во водата.
Велат од изминатите денови работеле на темелно прочистување на филтерските станици кои се од витално значење за обезбедување квалитетна и чиста вода, темелно чистење на коритата на базените, темелно чистење на помошните простории, соблекувалните, машинските простории и просториите на службата за спасување. Променета е и пумпата којашто е од круцијално значење во однос на безбедноста при полнењето и празнењето на базенот.
- Спроведуваме и реконструкција на дел од трибината, односно ги заменуваме постоечките метални профили каде што се фиксирани столчињата, се со цел да обезбедиме сигурност при користење на трибината и избегнување на несакани случки, соопштија од Спортскиот центар.
Дополнително ќе се знае датумот за отпочнувањето со работа на базенот.