„Барањето помош не е слабост“ – порака за Светскиот ден на менталното здравје

„Лични искуства: вистински гласови, вистински промени“ е мотото под кое денеска, 10 октомври, се одбележува Светскиот ден на менталното здравје, со порака дека секој човек заслужува да биде слушнат, разбран и поддржан.

Менталното здравје е тема за која сè уште постојат предрасуди и стигма, поради што многумина се соочуваат со страв и несигурност кога треба да побараат стручна помош.

По повод денот, проф. д-р Славица Арсова, директорка на ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија, ја истакнува важноста од разбивање на стигмата и создавање средина во која луѓето отворено ќе можат да зборуваат за своите проблеми.

Арсова вели дека многу често самите пациенти кои имаат потреба од психијатриско психолошка помош, можат да бидат од помош не само за себе, туку и за останатите.

„На тој начин се праќа порака дека не си сам и не си единствен. Многу често луѓето кои страдаат од било каква мака, без разлика дали е телесна или психолошка, првото чувство што го имаат е страв и прашањето дали само мене ми се случува ова, дали сум единствен на светот кој има вакви потешкотии? Поради тоа, многу е важно да се слушне некој кој поминал низ истото или има слична животна патека“, вели проф. д-р Арсова.

Таа додава дека нивната цел како здравствени работници е да не ги стигматизираат луѓето и да им создаваат чувство дека тие се различни од другите.

„Сите ние сме различни и во однос на нашите карактеристики и во однос на нашата психолошка состојба, но тоа не нѐ прави помалку вредни во однос на останатите. Секој човек во текот на својот живот може да дојде во ситуација да побара помош, затоа што едноставно не можеме сами да се справиме со сите работи. И тоа не е срам, туку напротив, претставува големина и зрелост“, вели проф. д-р Арсова.

Токму затоа, на овој ден испраќаат порака дека треба да се слушне гласот на безгласните, бидејќи тие се личности кои заслужуваат почит, разбирање и поддршка. Секој човек заслужува да биде слушнат, виден, разбран, вреднуван  

Пораката е јасна – барањето помош не е слабост, туку важен чекор кон подобрување на состојбата. Личните искуства треба да се слушнат, а луѓето што се соочуваат со предизвици поврзани со менталното здравје да добијат почит, разбирање и соодветна поддршка.

Светскиот ден на менталното здравје е потсетник дека грижата за психичката благосостојба е важна исто како и грижата за физичкото здравје и дека никој не треба да се чувствува осамен во моментите кога му е потребна помош.