Барања за легализација на дивоградби до крајот на годинава, елаборати до јуни

2018 година донесе можност имотен лист за дивоизградените домови да си ообезбедат и оние граѓани кои од различни причини тоа не го направиле во изминатите шест години, колку што трае процесот на легализација.

Од почетокот на овој месец во подрачните одделенија за урбанизам на општините повторно може да се поднесуваат барања за легализација на дивоградби, откако стапија во сила последните измени на Законот за третман на бесправно изградени објекти, усвоени од Собранието на 22 минатиот месец. Со овие измени втора шанса добија и оние кои досега поднеле барање за легализација, но не ја завршиле постапката, односно не доставиле геодетски елаборат. Во согласност со со најновите законски измени, за поднесување барања за легализација има рок до крајот на годинава, а за комплетирање на документацијата последниот ден е 30 јуни.

Услов за легализација на објектот е тој да бил изграден заклучно со 3 март 2011 година, како што се предвидуваше и со првото законско решение за оваа намена. Барањата се поднесуваат до општините, каде се приложува платена сметка за струја или вода, по што процедурата предвидува и доставување геодетски елаборат.

На почетокот на процесот на легализација на бесправно изградени објекти, од март до септември 2011 година, беа доставени над 360.000 барања. Во дополнителниот рок, пак, што беше овозможен на почетокот на 2016 година, беа поднесени уште 80.000 барања.

Последните објавени податоци од надлежните институции покажуваат дека досега се легализирани 40-ина проценти од објектите за кои беа поднесени барања, односно 186.000 објекти се стекнале со правен статус и се впишани во катастарот. Процесот на легализација не опфаќа само домови, туку и деловни, како и инфраструктурни објекти.

Неколку дена пред крајот на минатата година директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Бориус Тунџев рече дека во Катастарот во постапка на решавање се околу 500 предмети за легализација. Ова, како што рече значи дека нема застој доколку документацијата што ја доставиле општините кои ја водат постапката е комплетна.

Тунџев исто така информира дека се уште постои можноста на социјално загрозените граѓани Катастарот да им изработува бесплатни геодетски елаборати. Сепак, во скопскиот катастар во тек е изработка се само дваесетина. Инаку, на запишување на правото на сопственост на дивоградбите на социјално загрозените во катастарот работи посебен тим.