Банките им ги лапнаа хациендите и фирмите на познати политичари и бизнисмени

Од цели фабрики, неотпакувана опрема за производни погони, одморалишта, имот на фирми кои отишле под стечај, новоизградени станбени згради, ладилници, оранжерии, луксузни куќи на атрактивни локации во Скопје, до ниви, ливади, скромни станчиња, половни автомобили и кревети.

Се ова е спакувано во понудата за продажба на запленет имот што ја имаат македонските банки. Некогаш сопственост на фирми или граѓани, од кои некои на македонската јавност и се добро познати, сево ова и уште многу, многу друго се нуди на продажба со јавно наддавање по цени од неколку стотини, до неколку десетици милиони евра.

Во објавите на банките за продажба на хипотекарен и стечаен имот е и печатница на А1 телевизија која пред десетина години отиде во стечај. Цената по која се продава не е одредена. Во Тетово се продава стан од над 100 квадрати, кој го поседувал познат политичар. Во скопски Чаир на продажба е понуден стан од 122 квадрати на друг политичар. Цените на овие два стана не се утврдени. Во Струга се продава училиште, во Претор и во ресенско Јанковец одморалишта. На продажба се и фабриката за месо во Трубарево и неколку продавници во Карпош на познатата месарница “Мега”, која повеќе години е во стечај.

Во Куманово се продава имот на познатата фирма СОБИМ, која порано ги произведуваше најпродаваните велосипеди во Македонија. Банката што го продава тој имот проценила дека вреди најмалку 1,5 милиони евра, но како што може да се види од списокот, на барабан се и становите и куќите на сопствениците на оваа пропадната компанија. Во Битола на продажба е рафинерија за масло. Се продава и градежната фирма и повеќе градежни парцели, кои ги поседувал, па ги изгубил под хипотека познат скопски бизнисмен. Кој е заинтересиран, може да купи и цели фабрики за вода, за текстил, а и два хотела во скопската населба Припор, едниот од 591, а другиот од 737 квадратни метри. Кој сака да отвори гинеколошка болница, со потребната опрема, како што се ултразвук, родилни боксови, до кревети може да се снабди на јавно наддавање во Битола. На истиот начин може да се опреми и цела фабрика за чевли.

Оние кои имаат во план да отворат ресторан за свадби, го имаат готов, во селото Велешта, во понудата на запленет имот од банки. Почетната цена е околу 440.000 евра.

Производниот погон на ШИК “Плачковица” од Радовиш се продава за еден милион евра, оранжерии во Богданци од 128 илјади квадрати се нудат за околу 1,8 милиони евра. Кој има 13 милиони евра може да стане сопственик на деловен објект со земјиште во Скопје, што донеодамна го поседуваше познат бизнисмен. Инаку, меѓу актуелната понуда на банките, ова е една од најскапите.

Се продаваат и ораници, ливади, овоштарници, супермаркети, канцеларии, куќи, станови ширум државата… Неисплатен кредит е причината поради која за луксузна куќа во резиденцијалниот дел на елитната скопска населба Водно се бара нов газда. Куќата од 516 квадратни метри со двор од 969 квадрати се нуди за најмалку 2,7 милиони евра. Во објавите на банките има куќи и станови за сечиј џеб. Па така, куќа од 117 квадрати со двор од над 600 квадрати во скопската населба Пинтија се нуди за помалку од 60.000 евра. Но затоа, куќа од 61 квадратен метар на улица Илинденска во Скопје може да се купи за околу 50.000 евра.

Освен недвижнини, меѓу запленетиот имот што го продаваат банките има и камиони, патнички возила, машина за правење снег…

Низ долгите колони имот за продажба на веб-страниците на банките, меѓу редови можат да се прочитаат човечки судбини. За земен, а невратен кредит со хипотека на дуќан, фабрика, плус станови, куќи и ниви, без ништо останувале цели семејства. Преку повторените презимиња на списоците може да се дојде до претпоставка дека поради неуспешен обид да го развијат бизнисот со кредит од банка без покрив над главата останувале повеќе семејства – браќа и сестри, нивните родители и сопружници.

Дел од одземениот имот под хипотека се продава неуспешно повеќе години, па се повторува на списоците на банките. Правилата налагаат запленетиот имот на банките да може да се продава најмногу во три наврати, а неговата цена да се спушти до една третина. Најбрзо се продаваат становите на атрактивни локации, а најтешкот одат фабриките, кои се скапи.

Кога се во прашање становите, според податоците на Агенцијата за катастар на недвижности, секој десетти во државата е под хипотека, што пак не значи дека сигурно еден ден ќе се најде на листата на банките за продажба. Од вкупно 1.042.628 станови во државата, колку што се запишани во катастарските книги, под хипотека се 106.438. Вкупната вредност на становите ставени под хипотека лани е 1,1 милијарда евра.