Балканци – исти луѓе со слични различности

Балканот е чудно место. Тоа е еден агол од светот кој некако секогаш успева да биде во центарот на вниманието. Тоа е еден полустров во југоисточна Евроа, кој е толку мал што може да се прелета, а ако сепак се впуштиш преку неговите прекопани патишта, ќе ти требаат пет денови јавање.

Можеби баш тие контрасти и мали далечини кои одземаат многу време ги обликувале и контрастни карактери на луѓето кои живеат на овие простори. Не знам друго место на планетава Земја каде има толку многу неснајдени, а способни; напатени, а добронамерни; стари, а младолики; сиромашни, а дарежливи; тажни, а насмеани. Кога маката воспитува, веројатно е дека ќе пораснеш и ќе бидеш она што сакаш, иако реалноста вели дека е невозможно, а не она што можеш да бидеш, иако никогаш не си го ни сакал тоа.

Баканот е место каде природата и натаму е недопрена, а водата се купува; каде нивите се плодни, а храната се увезува, место каде воздухот е чист, но тешко се дише. Тука небото некако како да е поблиску до човекот, па се чини дека посилно притиска на градите, посилно отколку на кое било друго место. Балканот е една превртена стварност каде ѓубрето се фрла во реките, наместо да се става ѓубриво на нивите; каде споменици се рушат за да се изградат трговски центри, каде дното е врв и обратно.

Балканот е простор каде не е пожелно да се издвојуваш, а сепак има посебни луѓе. Место каде многу работи се невозможни, а сепак има начини да се направат. Место каде многу работи се забранети, а сепак постојат. Простор на кој се родиле многу големи луѓе кои се важни за овој свет, а на кој денес живеат некои мали луѓе кои околу нив, веќе мртви, се расправаат кој е чиј. Балканот е едно место каде религиите се допираат, а верниците си вртат грб едни на други. Темен вилает во кој луѓето се поврзани од корените, а разделени се од боговите. Место каде сите меѓусебно се разбираме, а сепак не се сфаќаме. Место каде зборуваме јазик кој сите го разбираат, но го запишуваме со различни писма кои не знаат сите да ги читаат. Место каде гледаме во истата работа, а гледаме сосема различни работи.

Ова е место каде кога е тешко, луѓето не знаат дали да се помолат на Бог или да го опцујат. А на Балканот секогаш е тешко. Затоа прво се учат молитвите и пцовките. Балканот е место во кое на секој агол се крева чашка ракија за здравје, а никогаш повеќе не се умирало толку од рак. Место каде на некој непознат од која било точка на светот секогаш му се посакува срдечно добредојде, а на најблискиот сосед сакаме да му умре кравата.

Балканот е европски пашалук каде некогаш се гинело за човечки идеали, а денес повеќе нема идеали ниту за кои би се живеело. Само некако се преживува. Проклето сокаче во кое згазила чизмата на секој можен окупатор, а сепак не успеала да ги прегази луѓето. Една плодна нива која со векови наназад, браќа по оружје ја поместувале меѓата на дедовината. За жал. Тука денес има тромеѓе, на кое не се знае дали се кријат или нагласуваат различностите меѓу истите луѓе. За нас, зборовите: војна, бегалец и логор имаат употреба во секојдневниот говор исто како и зборовите: леб, Бог и мајка. Ние сме луѓе кои од толку многу историја не стигнуваат да мислат на иднината. Затоа и толку бавно ни доаѓа. А истовремено сме луѓе кои деловите од својата историја толку опсесивно ги негираат што се спремни да ја понижуваат повеќе отколку да учат од неа. За нас, историјата не е учителка, туку мачителка.

Балканот е место каде слични народи дозволуваат да бидат разделени од некои фантомски и невидливи работи, а негираат дека ги поврзуваат работи кои се толку видливи и очигледни. Единствената невидлива работа која нѐ спојува е гладот. А првата видлива која сега нѐ спојува е сиромаштијата.

Некогаш нѐ спојуваа работни акции кои ја богатеа земјата, а денес реални шоу-а кои го осиромашуваат духот. Ја слушаме истата музика која нѐ помирува, но и политичарите кои нѐ разделуваат. Заедничко ни е тоа што толку добро се залажуваме себеси  и тоа дека иако сѐ уште не можеме да се договориме каде се границите на нашите новонастанати мали земји, а некогаш живеевме во една голема во која немаше граници, има една работа која ни е многу својствена на сите: сите често се граничиме со лудоста и изгледа дека баш во тие моменти ги носиме најважните одлуки.

Богдан Стевановиќ